ЗЕЛЕНИЛОТО СКАПО ЈА ЧИНЕЛО ОПШТИНА КИЧЕВО Кривична пријава за ексградоначалникот Фатмир Дехари

Полицијата сомничи дека поранешниот градоначалник спротивно на закон ги доверил комуналните дејности на приватна фирма и го оштетил буџетот.

187

Поранешниот градоначалник на Кичево, Фатмир Дехари, заработи кривична пријава под сомнение дека со злоупотреба на службената положба го оштетил буџетот на општината за повеќе од 1,4 милиони денари.

Од полицијата информираат дека пријавата е поднесена против Дехари (52) од селото Србица, како и против уште две лица и едно правно лице, поради сомнежи за злоупотреби при вршење на комунални дејности.






Според истрагата, на 8 јануари 2025 година, Дехари како градоначалник донел план за јавни набавки спротивно на Законот за комунални дејности. Иако општината имала сопствено јавно комунално претпријатие, тој ги доверил сите комунални работи на приватна фирма од селото Длапкин Дол.

Со тоа, како што наведува полицијата, постоела намера да се обезбеди поголема имотна корист за правното лице на штета на општинскиот буџет.

Второпријавениот, кој бил одговорно лице за одржување на зелените површини, не извршил соодветен надзор и несовесно постапил во своите должности. Третопријавениот, пак, како управител на фирмата, свесно ги прекршил правилата во постапката за јавен повик.

Според пресметките, за одржување на зеленилото околу зградата на Општина Кичево биле исплатени вкупно 1.457.205 денари, сума за која се сомнева дека е на штета на општината.

По целосно документирање на случајот, против пријавените ќе следуваат соодветни постапки.

Поврзани содржини