ПОРАНЕШНАТА МИСИЦА ПРИВЕДЕНА ПО БРКАЊЕТО НА „ЛУДИТЕ КРАВИ“ Јулија ги спречила инспекторите да стигнат до добитокот
Приведувањето следуваше по тензична акција за одземање крави кои со месеци се движат без контрола.
Вчерашната акција на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) за заплена на неконтролираниот добиток во Крива Паланка кулминираше со приведување на 27-годишната Јулија Ѓорѓиевска. Таа беше лишена од слобода откако пружи активен отпор и ги попречи службените лица во спроведувањето на законот.
Според официјалните информации од Министерството за внатрешни работи, Ѓорѓиевска била приведена околу 09:35 часот во близина на градскиот базен, каде инспекторите се обидувале да ги заловат кравите кои со години претставуваат опасност за локалното население. Наместо соработка, полицијата се соочи со физички отпор – Јулија трчаше по стадото обидувајќи се да го пренасочи кон планината, директно спречувајќи ги вработените од АХВ да го извршат решението за одземање на животните.
Овој инцидент е само продолжение на агресивното однесување на семејството Ѓорѓиевски. Имено, во декември минатата година, се случија насилни сцени при кои беше приведена Јулија и нејзиниот татко, а тогаш беше објавено дека ќерките со нокти гребеле полицајци по лицето. Поради ваквото однесување и малтретирање на сожителите, Обвинителството тогаш бараше и доби мерки притвор.
Жителите на Крива Паланка и селото Жидилово веќе подолг период алармираат дека околу 500 грла добиток на ова семејство се движат без никаква контрола, уништувајќи приватни имоти и поседи. И покрај вчерашната интервенција и приведувањето на Ѓорѓиевска, на терен беа заловени само десетина крави, додека остатокот од стадото и понатаму слободно талка по ридовите.
Против Јулија Ѓорѓиевска, по целосно документирање на случајот, ќе биде поднесена соодветна кривична пријава за спречување на службено лице во вршење на службено дејствие.