СДСМ НЕМА СТРАВ ОД ОНА ШТО МОЖЕ ДА ГО КАЖЕ ГРУБИ Секој што го прекршил законот треба да одговара
Претседателот на СДСМ Венко Филипче вечерва изјави дека со враќањето на поранешниот вицепремиер Артан Груби, кој е во домашен притвор и осомничен за злоупотреби, се случило урнисување на правниот систем на државата и дека СДСМ нема страв од она што би можел да го каже Груби.
Претседателот на СДСМ Венко Филипче вечерва изјави дека со враќањето на поранешниот вицепремиер Артан Груби, кој е во домашен притвор и осомничен за злоупотреби, се случило урнисување на правниот систем на државата и дека СДСМ нема страв од она што би можел да го каже Груби.
Филипче во интервју во Тема на денот на ТВ Сител рече дека СДСМ нема страв од никакви постапки и дека секој што го прекршил законот треба да одговара.
– Кој го прекршил законот, нека одговара. Од која и да е политичка партија. Ама вакви монтирани и договорени политички дилови не носат верба во судскиот систем, рече претседателот на СДСМ.
Според него, страв чувствуваат граѓаните бидејќи изгубија верба дека оваа власт може да испорача тоа што треба, рече Филипче, додавајќи дека граѓаните очекуваат реформи и вистинска правда.
Тој посочи дека по начинот на кој било спроведено очигледно е дека договор има.
– Сите видоа што се случи на граничниот премин Блаце. Тоа утро во државата се случи урнисување на правниот систем, се случи целосно губење на довербата на сите граѓани. Се појави бегалец кој што е на листа, луѓе кои ги бараат во државата, се појави елегантно, мирно, смирено, со наочари, со насмевка, му ставија лисици луѓе кои што претходно беа дојдени, полицајци, не полицајците кои што се, кои работат на граничниот премин, имаше камера која го снимаше сето тоа, единствено нешто што недостасуваше беше црвен килим – рече Филипче.
Претседателот на СДСМ рече дека премиерот Христијан Мицкоски ветувал правда и велел дека ДУИ се криминалци, но дека „се договориле со Артан Груби“. Случувањата на граничниот премин „Блаце“, според Филипче, претставуваат сериозен удар врз правниот систем и дека начинот на кој се одвивало враќањето на Артан Груби отвора сериозни сомнежи во јавноста.
– За одлуката за домашен притвор посочи на контрадикторности меѓу институциите. – Излезе соопштение од Обвинителството дека пуштањето во домашен притвор е по интервенција и по сугестија на АНБ и МВР, па излезе директорот на затворот кој што кажа дека ниту АНБ, ниту МВР дошле и направиле проценка. Тоа не се случило. Очигледно е дека договор има. На кој насмеан сте виделе да му ставаат лисици? – рече Филипче.
Во интервјуто тој обвини за партизирано судство со кое, како што кажа, не може да се обезбеди вистинска правда.