ПРОДОЛЖУВА БУРЛЕСКАТА СО „ЛУДИТЕ КРАВИ“ ВО КРИВА ПАЛАНКА Инспектори и полицајци неуспешно ги бркаа по ридовите, за утре свикан „мирен протест“!?

Членови на семејството на сопственикот ги разбркувале кравите од инспекторите и ги насочувале нагоре кон планината. Меѓу најгласните била Јулија Ѓорѓиевска, ќерка на сопственикот. Во еден момент, службени лица се обиделе да ја сопрат, но ситуацијата дополнително се вжешти. Од вкупно околу 500 грла добиток, инспекторите и полицајците успеале да заловат само десетина.

1,183

Општина Крива Паланка и претставниците на 16 месни заедници ја информираат јавноста дека утре, 26 февруари 2026 година, ќе се одржи мирен протест организиран од граѓани, поради неконтролираното движење на говеда и штетите врз имот и земјоделски површини.

„Општината потсетува дека надлежните институции веќе донесоа правосилни решенија и задолжителни мерки за регулирање на оваа состојба. Непочитувањето на овие решенија го загрозува јавниот ред, безбедноста и имотните права на граѓаните.






Сите учесници се повикуваат на одговорно и мирно однесување, додека Општина Крива Паланка и претставниците на 16 месни заедници активно ги следат настаните и ќе преземат сите мерки во рамки на своите надлежности за заштита на јавниот интерес“ – се вели во соопштението на Општина Крива Паланка.

Обидот на институциите да стават ред со добитокот што со месеци слободно се движи низ кривопаланечкиот регион денеска се претвори во драма на теренот. Наместо мирно прибирање на животните, ситуацијата ескалираше со расправии, трчање по ридовите и физички турканици, објави Телма.

Во Крива Паланка инспектори од Агенција за храна и ветеринарство, со асистенција на Министерство за внатрешни работи, се обидоа да ги приберат кравите кои подолг период се движат без контрола. Дел од животните беа лоцирани и натоварени кај помошниот објект во близина на градскиот базен.

Сепак, акцијата не помина без отпор. Членови на семејството на сопственикот се обидуваа да ги оттурнат кравите од инспекторите и да ги насочат кон планинските предели. Меѓу најгласните беше Јулија Ѓорѓиевска, ќерка на сопственикот, која трчаше по стадото обидувајќи се да го спречи нивното одземање. Во еден момент, службени лица се обидоа да ја сопрат, но ситуацијата дополнително се вжешти.

Според информациите од терен, од вкупно околу 500 грла добиток, денеска биле заловени само десетина, додека останатите и понатаму слободно се движат низ околните ридови и пасишта.

Тензиите кулминираа со турканици, откако дел од службениците пријавиле дека биле физички попречувани при извршувањето на задачата.

Од друга страна, сопственикот Гоце Ѓорѓиевски изјави дека нема спор со институциите, но инсистира неговите крави да бидат соодветно згрижени, посочувајќи дека семејството се грижи за нив повеќе од три децении.

И покрај денешната интервенција, проблемот со слободното движење на добитокот во кривопаланечкиот регион останува отворен.

Поврзани содржини