ГРУБИ, ИСТО КАКО И ОСТАНАТИТЕ ПРИТВОРЕНИЦИ, ЌЕ БЕШЕ БЕЗБЕДЕН ВО ШУТКА Директорот Утковски посочува дека притворски одделенија има и во други затвори

Во затворот „Скопје“ во Шуто Оризари е гарантирана безбедноста на секој штитеник, па дури и на поранешниот вицепремиер Артан Груби, вели директорот на Истражниот затвор, Бобан Утковски.

567

Затворот „Скопје“ во Шуто Оризари не е мексикански картел, може да ја гарантира безбедноста на секој штитеник, па дури и на поранешниот вицепремиер Артан Груби, вели директорот на Истражниот затвор, Бобан Утковски.

Груби вчера заврши во куќен притвор со образложение од Обвинителството дека МВР и АНБ процениле дека нема да е безбеден во притворот во Шутка.






– Безбедноста овде е на прво место. Од мене не е побарано писмено да се произнесам за безбедноста на лицето Артан Груби. За МВР и АНБ не знам. За мене сето ова е произволно. Нека дојде кој сака и да каже кои параметри не ги задоволува затворот „Скопје“. Кои се тие безбедносни критериуми што ние не ги исполнуваме – вели Утковски за „Слободен печат“.

Не е точно дека не може да се гарантира личната безбедност на Груби, додава тој.

– Со сиот свој интегритет гарантирам дека максимално е загарантирана безбедноста на секој еден штитеник, дури и на Груби. На крајот на денот ако толку ценат дека овде е небезбедно има и други притворски одделенија и во затворите во Гевгелија, Битола и во Куманово – вели Утковски.

Обвинителството денеска соопшти дека дале предлог за куќен притвор на Груби, бидејќи МВР и АНБ процениле дека не бил безбеден.

Поранешниот вицепремиер Артан Груби од ДУИ вчера беше уапсен на граничниот премин Блаце, по 14 месеци бегство. Тој е осомничен за проневера од 8 милиони евра во Државна лотарија.

Поврзани содржини