ФАТЕНИ 6 МИГРАНТИ НА ПАТОТ СКОПЈЕ-КУМАНОВО Возачот е уапсен
Мигрантите биле од Египет и од Алжир, возачот од Турција, а возел автомобил со косовски таблички.
Шест мигранти биле пронајдени во автомобил синоќа на автопатот Скопје – Куманово, а возачот бил уапсен, информира денеска Министерството за внатрешни работи.
„Околу 21:30 часот на бензинска пумпа на автопатот Скопје – Куманово, полициски службеници го лишија од слобода О.К., на возраст од 33 години од Турција, затоа што со возило „шкода“ со косовски регистарски ознаки, превезувал шест лица, мигранти, тројца од Египет и тројца од Алжир“ – се вели во соопштението од МВР.
Претходно, на наплатната станица „Романовце“, О.К. тој не застанал на даден знак од полициските службеници. Но, по преземени мерки, возилото е пронајдено, О.К. е лишен од слобода и по документирање на случајот, против него ќе биде поднесена соодветна кривична пријава, најави МВР.