АРТАН ГРУБИ ЌЕ ОДИ ВО КУЌЕН ПРИТВОР Според Обвинителството, ќе бил небезбеден во затворот во Шуто Оризари

Одбраната образложила дека Груби ќе биде достапен за органите на прогонот, имајќи предвид дека сам се вратил во државата, како и дека не постои опасност од влијание врз постапката, бидејќи истрагата е завршена.

244

Поранешниот вицепремиер Артан Груби доби мерка куќен притвор, откако одбраната побара ваква мерка, а Обвинителството се согласи со предлогот.

Според неофицијални информации, одбраната образложила дека Груби ќе биде достапен за органите на прогонот, имајќи предвид дека сам се вратил во државата, како и дека не постои опасност од влијание врз постапката, бидејќи истрагата е завршена.






Судијата на претходна постапка добил позитивен став од обвинителот во однос на предлогот за поблага мерка.

„По однос на мерките за обезбедување на присуство на второосомничениот во понатамошниот тек на постапката Основното јавно обвинителство Скопје предложи замена на мерката притвор со мерка куќен притвор и одземање на патна исправа, имајќи го во предвид фактот во најголем дел се обезбедени доказите во текот на постапката, дека истиот доброволно се пријавил на органите на прогонот, како и дека постојат индиции дека во притворското одделение не може да се гарантира неговата лична безбедност, кои индиции се поткрепени со известувања од надлежните органи. Исто така индициите за загрозената безбедност се однесуваат и на членовите на неговото семејство“, наведуваат од Обвинителството.

Директорот на затворот „Скопје“ во Шутка, Бобан Уткоски, пак, денеска изјави дека безбедноста во установата е загарантирана.

Истрагата против Груби ја води Основното јавно обвинителство Скопје и се однесува на сомнежи дека како раководител на владина седница го одобрил барањето на Државна лотарија за јавна набавка на ВЛТ-терминали, иако институцијата немала законско право самостојно да организира игри на среќа. Тој е осомничен за кривично дело Проневера во службата.

Постапката беше отворена по одлуката на Стејт департмент на САД да го стави на „црната листа“, поради основани сомнежи за вмешаност во коруптивни дејствија.

Груби денеска доброволно се пријави на граничниот премин „Блаце“, по една година откако ја напушти Македонија. По неговото приведување, тој помина 3 часа во притворска ќелија, по што беше спроведен во Обвинителството на увид во доказниот материјал. Поради обемноста на доказниот материјал, увидот ќе продолжи и во наредните денови, по што ќе му биде овозможено да ја даде својата одбрана.

 

Поврзани содржини