СРБИЈА НАЈАВИ ДЕКА ЌЕ ГРАДИ НУКЛЕАРKA И ВЕДНАШ ДОБИ ПОНУДА Руски „Росатом“ е подготвен да влезе во проектот сам или со други компании

Министерката за рударство и енергетика, Дубравка Ѓедовиќ Хандановиќ, денеска изјави дека Србија соработува со француската компанија EDF во подготвителната фаза на развојот на својата нуклеарна програма, но дека е подготвена да соработува и со други технолошки носители,

576

Србија планира да изгради нуклеарна централа која би била готова до 2040 година. Подготовките се почнати но се уште не е одлучено дали таа ќе биде од стандарден тип или со мали реактори.

Министерката за рударство и енергетика, Дубравка Ѓедовиќ Хандановиќ, денеска изјави дека Србија соработува со француската компанија EDF во подготвителната фаза на развојот на својата нуклеарна програма, но дека е подготвена да соработува и со други технолошки носители, како и дека очекува првата електрана да биде пуштена во употреба до 2040 година.






Таа изјави дека е планирано првата и втората фаза од развојот да бидат завршени во 2032 година, дека технологијата на мали модуларни реактори ќе биде развиена дотогаш, односно дека Србија потоа ќе ја разгледа и таа опција.

-Откако ќе бидеме институционално, регулаторно и персонално обучени, ќе можеме да избереме партнер, технолошки носител и да влеземе во процесот на изградба, за да можеме по 2040 година да имаме пуштена во употреба нуклеарна електрана – изјави Ѓедовиќ Хандановиќ.

Таа денеска се сретна со генералниот директор на руската државна корпорација „Росатом“, Алексеј Лихачев со кого размени искуства околу проектот. Руската компанија е еден од најголемите производители и изведувачи на опрема за нуклеарни централи.

Лихачев ги презентираше искуството и активностите на Росатом, проектите што ги развиваат во моментов, како и плановите за иднината и модалитетите на можна соработка.

-Росатом е светски лидер во нуклеарната енергија и во моментов реализира приближно 30 блока на големи и мали електрани во девет земји, вклучувајќи ги Кина, Индија, Египет, Турција и Унгарија. Можеме да размениме искуство и знаење со Србија во рамките на работна група. Нашите експерти можат да соработуваат во области како што се информирање и едукација на јавноста, зајакнување на капацитетите на персоналот и анализа на регулаторната рамка – рече тој.

Првиот човек на росатом се сретна и со претседателот на Србија Александар Вучиќ, каде што според медиумите, изјавил дека Росатом е подготвен сам да ја гради нуклеарката или  во конзорциум со други компании.

-Можеме да изградиме електрана што е 99 до 100% руски производ, можеме да ја реализираме во формат на меѓународен конзорциум, со максимално учество на добавувачи – изјави Лихачев по средбата со Вучиќ.

Српскиот претседател , пак, на социјалните мрежи објави:

„Низ интересна дискусија, ги разгледавме можностите за користење на нуклеарната енергија во областа на фармацијата, здравството и производството на енергија. Исто така, ја разгледавме можноста за учество на српски компании и нивна обука за користење на нуклеарна енергија на територијата на трети земји“, напиша Вучиќ на Инстаграм.

Поврзани содржини