📽️ 100 ДЕНА – 100 ДЕЛА ВО КИСЕЛА ВОДА Нов асфалт, кино и десетици проекти во тек, отчет на Стаменкоска Трајкоска
Отчетот опфаќа инфраструктура, екологија, образование и социјална заштита.
Градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска Трајкоска информираше дека во првите 100 дена од мандатот се реализирани пет километри нов асфалт, отворено е кино во Драчево и се работи на повеќе од 20 капитални проекти.
Таа нагласи дека под слоганот „100 дена, 100 дела“ општината работи со засилено темпо и со фокус на конкретни резултати.
– Со реализирани 5 километри нов асфалт, со отворено ново кино и интензивна работа на над 20 крупни капитални проекти, покажавме дека динамиката не запира. Дел од зафатите се веќе пуштени во употреба, а други се во напредна фаза – изјави Стаменкоска Трајкоска, додавајќи дека значаен дел од проектите се реализираат со поддршка од Владата.
Според презентираниот отчет, во изминатиот период се реконструирани клучни сообраќајници, меѓу кои улиците Ѓорѓи Димитров и 527, а при крај се работите на Жил Верн и Саса со нејзините краци. Паралелно се гради фекална канализација во Бабин Дол, во завршна фаза е атмосферската мрежа на улицата Томе Арсовски, во тек е изградба на два нови паркинга, како и на две од предвидените 10 детски катчиња — едното во село Драчево, другото во Дупки.
– Општината воведе и новини во управувањето со отпад, при што за првпат се поставени 15 специјализирани контејнери за селекција на текстилен отпад пред месните заедници, а во подготовка се уште 15 пред училиштата. Веќе е складиран и првиот тон текстилен отпад – посочи градоначалничката.
Во рамки на еколошките активности, исчистени се 27 диви депонии, а во соработка со ЈП Национални шуми најавено е засадување на 3.000 нови садници.
Како значаен чекор во општествениот живот беше издвоено отворањето кино во Драчево — прво кино во село по повеќе децении. Во делот на грижата за децата, општината најави отворање на две нови градинки во „11 Октомври Згради“ и „Подстаница“, додека во тек е изградбата на објектот во „Расадник“. Со владина поддршка се вршат доградби во училиштата „Невена Георгиева Дуња“ и „Кирил Пејчиновиќ“, а се гради и ново училиште во Драчево.
Во спортската инфраструктура се инвестира преку изградба на спортски сали во училиштата „Круме Кепески“ и „Кузман Јосифовски Питу“, како и преку целосна реконструкција на салата „Расадник“.
– Силен акцент ставивме на едукацијата и инклузијата: наставниците по физичко поминаа специјализирани обуки за работа со деца со попреченост, обезбедивме бесплатни часови по шах за младите, а воведовме и манифестација Спортист на годината која планираме да прерасне во традиција – нагласи Стаменкоска Трајкоска.
Во делот на социјалната заштита, отворен е нов Центар за бесплатни логопедско-дефектолошки третмани во Драчево, а во завршна фаза е едукативно-терапевтски центар во Црниче наменет за деца со дислексија, дисграфија и дискалкулија. На крајот од отчетот, градоначалничката порача дека реализираните активности се само почеток на поширока програма.
– Ова е само почеток на една амбициозна приказна. Нашата крајна цел е целосна реализација на ветената програма. Ова беа само 100 дена, продолжуваме понатаму, заедно – изјави Стаменкоска Трајкоска.