ЕВРОПА ТИПУВА НА ТУРИСТИТЕ ОД КИНА И ИНДИЈА Се очекува раст на туризмот од 6%

Во 2026 година, европскиот туризам очекува континуиран раст на пристигнувањата на туристи и нивните трошоци, главно од меѓународни туристи и претежно од далечни пазари како што се Кина и Индија.

32

Европска комисија за патувања (ETC) очекува годинава меѓународните пристигнувања во Европа да се зголемат за околу 6%. Главно се очекува зголемување на туристите од далечните пазари кај кои се очекува раст од  9%. Претпоставките се базираат на подобрената воздушна поврзаност и визните олеснувања.

Најголем раст од 28% се очекува да се оствари кај туристичките доаѓања од Кина и од Индија.






Се очекува исто така да продолжи трендот од 2025 година кога трошењето на туристите е повисоко од нивниот број, како и зголемување на бројот на патувања во претсезона и посезона, што им овозможува на туристичките работници во Европа да се фокусираат на понуди „вредност за парите“, избалансирани текови на туристичка посетеност и одржливи резултати.

– Со континуиран интерес за патувања надвор од (врвот) на летните месеци, туризмот може да обезбеди поизбалансирани придобивки во сите региони, поддржувајќи ги локалните економии, работни места и заедници во текот на целата година – изјави претседателот на ETC, Мигел Санц.

Извештајот на ETC, исто така, ги разгледува резултатите од европскиот туризам во последните месеци од 2025 година, за кои истакнува дека биле стабилни, бидејќи туристите им дале приоритет на одморите во Европа, без оглед на зголемувањето на трошоците за патување, па четвртиот квартал заврши со 3,2% повеќе меѓународни туристички пристигнувања во Европа и 3% повеќе ноќевања, што е подобрување во споредба со кварталот пред тоа.

Северните и централно/источните европски дестинации забележаа едни од најсилните релативни зголемувања на пристигнувањата на туристи во последните месеци од 2025 година, како што се Финска, Норвешка, Полска и Словачка, кои се движат од 10 до околу 15%, и иако ова се дестинации со малку пониска „туристичка база“, ETC вели дека овие резултати одразуваат растечки интерес за постудени клими, помалку гужви и помалку или неистражени дестинации.

Јужните и западноевропските дестинации одржаа солидни резултати, а некои од најпосетуваните земји во светот, како што се Франција, Грција, Шпанија и Италија, исто така забележаа раст на пристигнувањата на странски туристи.

Податоците од авиокомпаниите, исто така, покажуваат зајакнување на побарувачката во предсезоната и постсезоната, со посилни зголемувања во октомври и ноември отколку во јули и август, додека секторот за сместување, дури и со повисоки цени, забележа мало зголемување на приходите.

Сепак, ETC забележува дека нивото на понудата на сместување почнува да биде под влијание на построгата регулација на краткорочните изнајмувања, при што, на пример, во Шпанија „илјадници единици се отстранети од пазарот“ и се намалува месечната достапност.

Поврзани содржини