САНКЦИИТЕ НА САД КОН КУБА СЕ НЕПРИФАТЛИВИ Путин го прими шефот на кубанската дипломатија
Бруно Родригез Париља истакна дека Куба е благодарна на руските власти за солидарноста во услови на заострување на енергетската блокада на островот од страна на САД.
Рускиот претседател Владимир Путин за време на денешниот состанок со кубанскиот министер за надворешни работи Бруно Родригез Париља во Кремљ, изјави дека односите меѓу двете земји генерално се развиваат во позитивна насока, како и дека новите американски санкции се неприфатливи.
Путин истакна дека Русија ги смета за неприфатливи новите американски санкции, кои се однесуваат на блокада на снабдувањето на Куба со нафта.
– Сега сме во посебен период, со нови санкции. Знаете како се чувствуваме во врска со ова. Нема да прифатиме ништо слично. Ставот на нашето Министерство за надворешни работи е отворен, јасен и недвосмислен – нагласи Путин.
Бруно Родригез Париља истакна дека Куба е благодарна на руските власти за солидарноста во услови на заострување на енергетската блокада на островот од страна на САД.
– Би сакал да изразам посебна благодарност за руската солидарност која ја изразивте вие и руската влада, како и министерот за надворешни работи, во врска со заострувањето на блокадата на Куба и енергетската опсада која му предизвикува страдање на нашиот народ и создава многу тешки услови за нашата економија – рече Родригез за време на средбата со Путин.