АКО СЕ УРНЕМЕ И ЗАГИНЕМЕ, ЌЕ СТАНЕ ЈАСНО ЗОШТО НИ ТРЕБА НОВ АВИОН Мицкоски се откажа од ново летало, Филипче ветил дека нема да ја критикува Владата за оваа тема ама излажал

Иницијативата за набавка на нов авион потекнала од лицата кои го управуваат леталото, кои предложиле Владата да се обиде да обезбеди пари за да набави нов воздухоплов, рече Мицкоски.

1,831

Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека Владата се откажува од набавка на нов авион по критиките од опозицијата, но нагласи дека лидерот на СДСМ Венко Филипче на средба му рекол дека за таа тема нема да ја критикува Владата, бидејќи утре ќе биде друга влада, а воздухопловот ќе се користи и за хуманитарни потреби.

– Но, гледам дека не си стојат на зборот и ние ќе се повлечеме од таа набавка и ќе се молиме да останеме живи. Доколку се урнеме некаде и доколку починеме, тогаш претпоставувам дека ќе им стане јасно на сите дека оваа дебата за некоја идна влада и за некои идни премиери е одвишок и дека е беспредметна – рече Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање.






Според него, владиниот авион е во возна состојба, а иницијативата за набавка на нов потекнала од лицата кои го управуваат леталото.

– Тие се тие кои иницираа да се обидеме да обезбедиме средства за да набавиме нов воздухоплов – рече Мицкоски.

Премиерот објасни колку пати го користел владиниот авион и каде летал со него. Мицкоски рече дека го користел авионот четири пати.

– Еднаш на покана на унгарскиот премиер Виктор Орбан, имав билатерална средба. Натаму патував со комерцијален лет до Виена, бидејќи еден од екипажот имаше приватни обврски, немаше можност да ме однесе до дестинацијата. За назад дојдоа, ме зедоа. Вториот пат бев на покана во Белград, тогаш отидов и се вратив. До Хрватска бев со комерцијален лет на Кроација ерлајнс до Сплит, на покана на хрватскиот претседател господинот Зоран Милановиќ. Имав работна вечера и мојот годишен одмор којшто требаше да трае три дена, го продолжив за еден ден да трае четири дена. И бидејќи го испуштив авионот повратно со комерцијален лет да се вратам во Скопје, а следниот ден имав неодложни обврски, владиниот воздухоплов дојде, ме зеде од аеродромот во Сплит и ме донесе во Скопје – рече Мицкоски.

Мицкоски рече дека летал со владиониот авион и до Тирана, а најави дека во јуни ќе оди со авионот еднодневно до Црна Гора.

 

Поврзани содржини