НА СКОПСКИТЕ УЛИЦИ СЕ ВОЗАТ АВТОБУСИ СТАРИ И ПО 30 ГОДИНИ За 10 години ЈСП изгубило 30 милиони патници

ЈСП располага со 341 автобус, но дневно од нив се исправни само 185, а 157 автобуси возат на улиците во Скопје на сите градски и приградски линии.

553

Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП) располага со автобуси кои се стари, а дел од нив се постари од 30 години, често се расипуваат, а само половина од нив ги опслужуваат граѓаните на воспоставените линии. Дури 24% од нив се со Еуро стандард 4.  Ова го покажуваат наодите од последнaта анализа на Центарот за граѓански комуникации.

ЈСП располага со 341 автобус, но дневно од нив се исправни само 185, а 157 автобуси возат на улиците во Скопје на сите градски и приградски линии.






Споредбата со состојбите од пред 10 години покажува дека бројот на автобуси и колку од нив дневно биле исправни покажува континуирано намалување секоја година.

За разлика од сегашните 341 автобус, во 2015 година имало 430 автобуси, односно 89 автобуси повеќе од денес.

Состојбата е најлоша кога станува збор за исправните автобуси. Ако во 2015 година имало дневно исправни 316 автобуси, сега има за 40% помалку, односно 185 автобуси.

Слична е и состојбата со бројот на автобуси што секој ден се пуштени „во работа“, како што ги означува ЈСП во своите извештаи и статистики. Ако во 2015 година, дневно имало по 213 автобуси во работа, сега во работа има само по 157 автобуси дневно.

Освен исправноста на автобусите, анализата покажува и дека автобускиот парк на ЈСП е стар. Нивната просечна старост изнесува 13,3 години и таа е во постојан пораст од 2021 година наваму.

Во период од 10 години имало само две набавки на нови возила и тоа било во 2020 година, кога се набавени 33 автобуси од марката „МАН“ и во 2021 година, кога се отпишани постарите автобуси од марката „санос“.

Најстари, по 30 години, се десетте автобуси од марката „санос“, набавени уште во минатиот век, а по 13 години старост веќе имаат и кинеските и украинските автобуси.

Најнови, од 2025 година, се шесте еколошки автобуси од турската марка „БМЦ“, донација од Европската Унија.

Истражувањето покажува дека 60% или 210 автобуси се кинеските „јутонг“, 19% или 64 автобуси се украинските „лаз“,10 %, односно вкупно 33 автобуси има од поновите „МАН“, од кои 21 се единечни и 12 се зглобни.

Загрижува и фактот што дури 24% од автобусите се со еколошки стандард Еуро 4, 63% имаат еколошки стандард Еуро 5, а највисок стандард, односно Еуро 6 имаат само 12% од автобусите.

Како резултат на ваквата состојба со автобусите, бројот на патници е повеќе од преполовен во изминатите 10 години.

Од некогашните 51,6 милиони патници во автобусите на ЈСП Скопје во 2015 година, во 2025 година се превезени само 22 милиони патници, односно речиси 30 милиони патници годишно помалку.

Иако падот се случувал и пред кризата поради Ковид-19 кога само за една година ЈСП загубил скоро 23 милиони патници, сепак поновиот пад на бројот на патници се случува после 2023 година. Имено, во 2024 година бројот на годишно превезени патници е намален за скоро 6 милиони, а во 2025 година за дополнителни 3 милиони.

Интересно е што само од кризата со Ковид-19 наваму, бројот на патници што годишно се возат во автобусите на ЈСП Скопје е намален за повеќе од 22 милиони патници.

Кога станува збор за финансиското работење на ЈСП, може да се рече дека со одредени исклучоци, главно во годините на кризата со Ковид-19, претпријатието имало релативно стабилен износ на приходи во последните десет години. Вкупните годишни приходи на претпријатието просечно се движат по околу 29 милиони евра.

Најголем дел од вкупните приходи на ЈСП, односно околу 50% доаѓаат од линиски превоз на патници, односно од превезените граѓани. Околу 40% од вкупните приходи на ЈСП доаѓаат од субвенции и тоа „за бесплатниот превоз“ и за „потешкотии во работењето“.

 

Поврзани содржини