СЈО меѓу митот и реалноста
СЈО не падна под удар на „втор атентат“ - падна под тежината на сопствените институционални и морални празнини што долго време останаа неадресирани.
Во својата неодамнешна колумна, новинарот Љупчо Поповски го интерпретира процесот на дискредитација на Специјалното јавно обвинителство како резултат на политичка реставрација и обид за враќање на моделот на „заробена држава“. Според неговата теза, актуелните случувања претставуваат „втор атентат“ врз институцијата, односно настојување да се избрише не само нејзиното институционално постоење, туку и самата идеја за независна правда. Аналогијата со damnatio memoriae се користи како метафора за бришење на историската и правната меморија.
Иако оваа интерпретација има наративна кохерентност и реторичка сила, реториката не смее да ја замени структурната и објективна анализа. Поповски ја редуцира сложеноста на проблемот на политичка дихотомија: прогресивна правда наспроти реставраторска реакција. Ваквата рамка го занемарува клучното прашање за структурната ранливост на институциите и моралните дефицити што овозможија автономијата да се трансформира во правно-политичка инструментализација.
Автономија без механизми на контрола
СЈО беше воспоставено како коректив на систем во кој политичкото влијание врз правосудството беше длабоко вкоренето. Неговата мисија беше да воспостави пресек со моделот на дотогашната селективна правда. Но институционалната автономија сама по себе не гарантира правна непристрасност. Таа бара јасни механизми на отчетност, внатрешна и екстерна контрола и етичка дисциплина.
Во отсуство на овие компоненти, секоја институција, па и СЈО, без оглед на иницијалната легитимација, останува подложна на злоупотреба и создавање нов центар на моќ. Токму тука лежи првиот системски дефект: институционалната архитектура не беше редизајнирана, туку само привремено заобиколена.
Затоа проблемот со СЈО не може да се сведе на дихотомијата „прогрес наспроти реставрација“. Институцијата не пропадна затоа што некој сакал да ја избрише правдата од меморијата, туку затоа што ја изгуби моралната и институционалната височина што ѝ беше доверена. Кога довербата еродира одвнатре, надворешната критика не е атентат, таа е последица.
Прва фаза: концентрација на моќ и усогласени исходи
Во почетната фаза постоеше силна концентрација на политичка моќ со директно или индиректно влијание врз обвинителството и судството. Во таков амбиент се оформил механизам на т.н. „усогласени спогодби“ – модел во кој правните постапки и политичко-финансиските интереси влегуваат во неформална интеракција.
Конфискацијата на имот, можностите за негов откуп, селективните обвиненија и контролираните постапки создадоа систем во кој законот не беше единствен критериум. Правната сигурност се замени со преговарачка логика, а законитоста стана зависна од политичка и финансиска калкулација на одредени инволвирани персони во случаите.
Институционалните празнини, недоволно јасните процедури, слаб надзор и недефинирани одговорности во комбинација со морални дефицити ја направија правдата ранлива на инструментализација. Аферата што ја потресе јавноста и апсењето на првиот човек на СЈО не беа изолиран инцидент, туку симптом на подлабока структурна слабост.
Втора фаза: адаптација на истиот модел
По укинувањето на СЈО и интеграцијата во ОЈО ГОКК, автономијата формално се зголеми. Но не следеше суштинска институционална реконструкција. Наместо демонтажа на претходниот модел, се случи негово инкорпорирање. Можеби целта беше дометастазирање на и онака метастазираниот систем.
Празнините што претходно овозможуваа политичка инструментализација сега овозможија селективност во нова конфигурација на моќ. Механизмите на неформални договори продолжија да функционираат, но со нови актери.
Ова укажува дека проблемот не е персонален, туку архитектонски. Институцијата не беше само жртва на притисоци, туку и носител на сопствени структурни слабости. Институциите не се самокоригираат, тие се приспособуваат на доминантната моќ доколку нема вградени ограничувачки механизми. А факт е дека тие не постоеа.
Улогата на меѓународниот фактор
Во овој период меѓународната поддршка беше повеќе насочена кон одржување на политичка стабилност отколку кон темелна институционална реконструкција. Овој нивен пристап не ги адресираше доволно јавно структурните слабости ниту инсистираше на јасна одговорност за злоупотребата на неконтролираната моќ и чудните неформални контакти и механизмот на усогласени спогодби.
Заклучок
Да се сведува судбината на СЈО на наратив за политичка реставрација значи да се игнорира суштинскиот дефект: слабата институционална архитектура и недоволната етичка одговорност. Проблемот не е само во тоа кој ја контролира институцијата. Проблемот е што институцијата дозволува да биде контролирана. Додека тие празнини останат, ќе се менуваат политичките гарнитури и наративите, но механизмот ќе остане ист.
Слабите институции и законските празнини создаваат простор за манипулација и селективна правда. Финансиските интереси овозможуваат повторување на селективните постапки, а моралните празнини ја олеснуваат злоупотребата на автономијата. Додека тие структурни дефекти не бидат надминати, секое сторено зло мора да биде именувано, санкционирано и институционално онеможено да се повтори.