Газдите и шутовите: соцреалистичка фарса
Целата оваа шутовска соцреалистичка фарса во Македонија не е само и единствено обид за реставрација на најцрните процеси во нашата современа историја, уште помалку е тоа некаква грижа за развојот, за државата, народот, работникот… Тоа е само гола борба за превласт низ евтина пропаганда и директна индоктринација и деградација на разбирањето на нештата.
Ова денес и тука, оваа продолжена соцреалистичка фарса не е плод на Јупитер (како што би рекол Еразмо), не е падната ниту од Марс – таа е производ на конкретни луѓе со име и презиме, меѓу кои и славни тројки или четворки и помалку славни, но не и неважни за некоја идна историска ревизија шутови кои секогаш биле блиску до ушите на власта, секоја власт, и „газдите“. Нивниот шепот, потивок или доволно гласен, умеел да дава тон и правец на важни политички случувања во државава. Некогаш дури и пресуден. И никогаш не бил важен правецот туку – тонот, шепотот, „бојата“ на интересите и профитот што тој ги нудел.
А тоа го открива тивкиот звук на ѕвончињата што не случајно се на нивната капа: звукот треба да ни посочи каде се и што прават и, по можност, но и ако сме паметни, да ги отстраниме од сценариото на драмата, да им ја одземеме важната улога зашто тие секоја приказна, секој настан, го претвораат во фарса. Често и во трагедија!
Денешните шутови сепак немаат ѕвончиња на капите. Тие им се прицврстени на главите. И на суетите. Нивната звучност е достапна на најсовремен начин: низ медиумите. Така ги препознаваме! Глупоста и суетите ги тераат да се пофалат – со „мудроста“ на газдите им, со сопствената улога во важните настани, со шутовски историски „ретроспекции“…, со сѐ од што нормален човек се срами. Или барем гледа да ги сокрие.
Следствено, колку фарсата поприма поголеми димензии, толку посилно е ѕвонењето на шутовите низ јавноста во одбрана на сите криминали што нивните газди-владетели ги правеле. Сѐ мора да се оправда, сѐ треба да се прикаже како делување во полза на народот и државата. И, се разбира: „СНС не е српскиот народ, ниту е Александар Вучиќ Србија“, но затоа „лидеро“ може да вреска дека „Социјалдемократскиот сојуз на Македонија е народот“ а двоецот Заев-Филипче е Македонија! Дури и најцрните криминали, дури и налудничаво ступидните меѓудржавни договори, пожарите во модуларни болници и пеколната смрт на пациентите, безобразната алчност на оние бесрамнички од некогашното сјо (малите букви се реален одраз на нивниот морал), глупоста и неспособноста на највисоки државни функционери…, сето тоа мора да се оправда низ милниот им ѕвон.
Нивните ѕвончиња мораат на јавноста да ѝ „објаснат“ и „верификуваат“ сѐ според принципот tout comprendere c’est tout pardonner (да се разбере сѐ значи сѐ да се оправда)! Кога тоа би одело баш така, кога „разбирањето“ автоматски би значело и оправдување, но и простување. А впрочем, таму никогаш и немало што да се разбере зашто не постои соодветно разбирање на таков криминал и неспособност.
Затоа е и толку силно ѕвонењето на нивните ѕвончиња! Затоа и неморалот треба да ни се објасни како државништво, расипништвото како дел од напорната работа, криминалот како секојдневие, самоубиството како атентат а убиството на пациенти како случајност… Оттука и налетот на ѕвончињата – ечат на цел глас со мисла дека ќе нѐ убедат во невозможната мисија дека нивните газди се најдобрите, најчесните, најспособните иако блиското минато го говори спротивното, го користат зборот како оружје но тој одамна преминал во фраза којашто ништо не кажува, со сета звучност на нивните ѕвончиња се обидуваат да докажат дека сме пред пропаст ако нивните газди – бивши владетели – останат вон политичкиот простор. Затоа морала да биде „онаа“ а не некој друг (зашто другиот можеби ќе ги апси нивните газди?!), затоа секој откриен скандалозен криминал е наместен од сегашната власт (зашто нивниот криминал секогаш мора да има оправдување) и затоа новиве мора веднаш да си одат а да се вратат старите газди за да имаат и шутовите каде да седнат, нели. Зашто „вака не било претходно, каде и да се свртите сѐ е партиско“, а порано било – шутовско!
Затоа шутовите мораат секојдневно да го пумпаат балонот на моралниот колапс на општеството: за да не е важно што и како работело она сјо (малите букви се…) во минатото, кој е директно најодговорен за модуларната болница во Тетово и колку пари се украдени, чии се оние тони и тони марихуана… Па затоа и онаа Катица била само „наивна“ ама другите се „опскурни“, а циркузантското сјо да ти било „осрамотено и исцедено“ од којзнае какви подземни сили.
Оттука, оваа палјачовска соцреалистичка фарса не е случајна, а ако веќе некој од нив спомнува реставрација, тогаш токму тие се актерите во тој процес воден во насоката да се замати довчерашната меморија и јавноста да се убеди во ангелскиот лик на криминално-коруптивната заевистичка коалиција којашто треба да се одржи во живот дури и со ѕвонливи апарати, да се внесува конфузија за потенцијалните политики на откривање на криминалите на бившата власт, да се креира „идеолошки“ конфликт и таму каде што реално го нема и да се продолжи атмосферата на индоктринација според некогашните опробани соцреалистички рецепти. Затоа и таквото бесконечно кочоперно форсирање на истите приказни по којзнае кој пат, на истите непријатели на нашиот евроинтегративен процес, на истите противници на демократијата… Гледано од страна, човек ќе си рече овде повторно се тумбаат автобуси и горат болници, се распродава државата на сите нивои, се шетаат криминалци долж и попреку а магариња добиваат огромни пари за „проекти“…
А всушност, тоа само ѕвончињата на шутовите ѕвонат на узбуна! Да, тој ѕвон, таа соцреалистичка индоктринација тендира да го уништи разбирањето на денешните процеси, сака да ја врати во игра платеничката структура што целосно ја деградираше државата до степенот на протоколот бр. 2 и молкот пред насилничките апеттити. Молчи дури и денес пред оној бугарски силеџија во советот на европа (малите букви се…) но рипнува во одбрана пред нивното Црвенокапче на привремена работа во нато (малите букви се…)! Па што, и кога, впрочем, таа персона, во нејзиниот политикантски живот, кажала нешто што имало смисла па сега оваа сдсм-овска балавурдија да се кара со Вучиќ и Брнабиќ? И кому тоа (треба да) му оди во прилог? На Бугарија?
Поточно: целата оваа шутовска соцреалистичка фарса во Македонија не е само и единствено обид за реставрација на најцрните процеси во нашата современа историја, уште помалку е тоа некаква грижа за развојот, за државата, народот, работникот… Тоа е само гола борба за превласт низ евтина пропаганда и директна индоктринација и деградација на разбирањето на нештата. Зашто тие ни знаат ниту разбираат, а најмалку им се јасни фундаменталните политички и историски прашања. Впрочем, разбирањето како резултат води кон смислата што ја произведуваме во животот и работата, а задачата на шутовите е да произведуваат магла, хаос, неразбирање, конфликт… Нивните шутови-експерти секојдневно додаваат индоктринирачки „вреднувања“ и „совети“ што водат кон дезинтеграција, тенденциозна „дидактика“ и обид за тоталитарно мислење и насилство. Затоа кај нив нема факти и веродостојни информации туку само научени соцреалистички проповеди и доктрини, омраза и непочитување на другиот.
А всушност, делумно веќе и отрпнуваме на нивното ѕвонење зашто тој звук фактички само ни ја потврдува нивната глупост како раширена појава во нивната средина. Единствена разлика би била онаа што така остро ја посочува Хана Арент дека „глупоста останува блажено неартикулирана меѓу неинтелектуалците, но станува неподносливо агресивна меѓу ’интелигентините’ луѓе“!
Извор: Теодосиевски уметност