📷 ИНТЕНЗИВНО СЕ РАБОТИ НА НОВИОТ ЛИК НА КЕЈОТ НА ВАРДАР Се реконструираат терени, се спрема градска плажа и се буди спортскиот дух

На ова место градиме и современа градска плажа - безбедно, уредено и достапно катче за одмор, рекреација и дружење, кое ќе внесе нова енергија и живот покрај реката и ќе го доближи Скопје до европските урбани стандарди, се вели во дел од објавата на градоначалникот на Скопје.

317

Кејот на Вардар добива нов лик и нова градска плажа, отворена за сите генерации, напиша градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски споделуваји слики од градежните работи.

„Со засилено темпо течат работните активности за уредување на кејот на реката Вардар, простор каде секојдневно се рекреираат илјадници граѓани и кој претставува едно од најважните урбани јадра на Скопје. Кејот е меѓу моите клучни приоритети и уште од првите денови по преземањето на функцијата градоначалник, започнавме со темелно чистење, со што конечно Вардар повторно тече по своето природно и нормално корито“, вели Ѓорѓиевски.






Градоначалникот порачува дека кејот се уредува со јасна визија за функционален и жив јавен простор.

„Се реконструираат спортските терени за фудбал, одбојка на песок и баскет, се поставува нова урбана опрема и се создаваат модерни фитнес-зони на отворено. Во рамки на овој проект опфатени се и спортските терени во Маџир Маало, кои целосно ќе се унапредат и ќе се вратат во служба на заедницата.

На ова место градиме и современа градска плажа – безбедно, уредено и достапно катче за одмор, рекреација и дружење, кое ќе внесе нова енергија и живот покрај реката и ќе го доближи Скопје до европските урбани стандарди“.

Според Ѓорѓиевски инвестирањето во спортот е инвестирање во здрави навики, здрави млади и силно општество. Тој му упати благодарност на министерот за спорт, Борко Ристовски, за поддршката и партнерскиот пристап, кои овозможуваат ваквите проекти да се реализираат брзо, квалитетно и во интерес на граѓаните.

„Ова, почитувани, е само почеток. Нашата визија е да создадеме современи, уредени и достапни спортски терени во сите општини на Град Скопје.
Рамномерен развој, еднакви можности и активен, здрав живот за секој скопјанец, без разлика каде живее, остануваат наш врвен приоритет“, додава Ѓорѓиевски.

Поврзани содржини