📽️ АНГЛИСКО СЕЛО ГО „ГЛУМИ“ УКРАИНСКИОТ ФРОНТ Британските војници се подготвуваат за можна војна против Русија

Коперхил Даун, комплекс на британското Министерство за одбрана, симулира разрушен град за подготовка на војници за модерна урбана војна.

275

Војници од најголемиот пешадиски полк на британската армија – „The Rifles“ – спроведуваат интензивна обука во Коперхил Даун, единствениот полигон во Обединетото Кралство дизајниран да симулира урбана воена зона слична на конфликтот во Украина.

Објектот, лоциран на рамнината Салисбери во Вилтшир, е изграден да наликува на разрушено европско село. Првично бил подигнат во 1987 година како симулација на германска населба, но со текот на годините е прошируван со тунели, тесни улички и повеќекатни објекти за урбана борба (FIBUA – Fighting in Built-Up Areas).






Во рамки на најновата епизода од документарната серија „Platoon 24/7: Preparing for War“ на Канал 5, јавноста доби редок увид во подготовките на британските војници.

Војниците добиле задача да елиминираат непријателски сили скриени во неколку згради во комплекс што симулира бомбардиран град.

– Во потенцијален конфликт со Русија би се соочиле со армија со слична опрема и обука, но со различни тактики. Урбаните средини се најголем предизвик – непријателот може да биде над вас, под вас или зад секој ѕид – изјави капетанот Мајк Линдгрен, командант на четата „Д“ од 5-тиот баталјон.

Обуката ги тестира физичката и психолошката издржливост на војниците, кои функционираат со минимален сон и под постојан притисок, учејќи таканаречена „контролирана агресија“.

По завршувањето на оваа фаза, дел од регрутите ќе заминат во НАТО-центар за обука во Германија, каде ќе продолжат со подготовките за операции во Источна Европа.

Британскиот премиер Сер Кир Стармер неодамна изјави дека Велика Британија и Франција би можеле да распоредат сили во Украина во рамки на мировна мисија по евентуален прекин на огнот.

Според неговите најави, тие сили би помогнале во обуката на украинската армија и обезбедување на воената инфраструктура, како дел од поширока иницијатива на таканаречената „Коалиција на волјата“, група од околу 35 земји кои дискутираат за идните безбедносни гаранции за Украина.

Поврзани содржини