СЕ УКИНУВА ДИСКРЕЦИСКОТО ПРАВО ПРИ ВРАБОТУВАЊЕ ВО ЗДРАВСТВОТО Директорите нема да имаат последен збор при избор на кандидатите
Со тоа ќе се врати довербата во здравствените институции и ќе се дестимулира одливот на дефицитарен медицински кадар од државата, сметаат предлагачите на законските измени.
Со законот за дополнување на Законот за здравствената заштита, кој Собранието го усвои денеска по скратена постапка, се укинува дискрециското право на директорите при избор за вработување медицински кадар во јавното здравство.
Во решенијата предвидени во Законот за здравственатата заштита ќе се овозможи ефикасна примена на начелата на потребата од стручност и компетентност за работните позиции за кои кандидатот конкурирал и ќе се овозможи избор на најдобриот кандидат за вработување во здравствените установи, а со тоа ќе се врати довербата во здравствените институции и ќе се дестимулира одливот на дефицитарен медицински кадар од државата, велат предлагачите на законските измени.
Исто така Собранието денеска го усвои Дополнителниот протокол кон Конвенцијата за договорот за меѓународен патен превоз на стоки усвоен во 2008 година, кој предвидува дигитализирање на транспортните активности преку електронска документација, како и електронска размена на регулаторните информации меѓу транспортните оператори – бизнисот и надлежните државни органи. Ова е познато како електронски товарен лист или eCMR.