Дојденци во сопствената кожа
Погледнете ја картата на античка Македонија во времето кога првпат е именувана. Не империјата од подоцнежните векови, туку јадрото: Пела и Еге. Рамница. Да ја наречете таа земја „Висока“, додека над неа доминира Олимп, е логички нонсенс.
Сосема свесен дека оваа колумна може да биде провокативна – и дека лесно може да бидам означен како неук, лаик или, во „најблагата“ варијанта, национал-романтичар – сепак решив да ја споделам. Не од инает, туку од логичка нужност. Таа е природно продолжение на сомнежите изнесени во „Сага за народот во бестрага“, каде, во основа поставив едноставно, но непријатно прашање: што ако „официјалната историја“ е недоволно логична?
Науката, ако навистина е наука, не е догма. Таа напредува преку поставување хипотези, нивна проверка и – кога е потребно – ревизија. Историјата на науката е историја на напуштени „непобитни вистини“. Геоцентричниот модел бил „научен факт“ покажан со „јасни опсервации“ со векови; секој авторитет во тоа време можел да ви потврди дека сонцето кружи околу земјата. Сепак, денес овој илјадагодишен факт го сметаме за лага. Не затоа што луѓето биле глупави да веруваат, туку затоа што новата логика била посилна.
Историски факти и логички дупки
Со децении нè уверуваат дека сме „дојденци во сопствената кожа“ – народ што се појавил од бестрага, ја избришал целата античка цивилизација, им го сменил јазикот, културата и идентитетот, а притоа самиот преживеал без проблеми предизвикани од домородното население. Во популарниот наратив, тоа доаѓа со фолклорни детали за препливување реки со трски во уста, како да се работи за мит, а не за историја. Запрашајте се мирно: што е поверојатно – дека милиони луѓе исчезнале без трага, или дека сме прифатиле приказна што е логички неконзистентна?
Историјата, кога е искрена, не личи на бајка со нагли пресврти. Во неа важат антрополошки, демографски и социолошки принципи. Народи не исчезнуваат преку ноќ, јазици не се заменуваат како кошули, а култури не се бришат со гума.
Ќе ја споменам културата и идентитетот на првите жители на Америка, кај нас познати како „Индијанци“. Поминале низ систематско уништување и асимилација – и сепак не исчезнале. Денес се дел од САД, со зачувани јазични, генетски и културни траги. Ако таму покрај срамната поговорка „убиј го Индијанецот, спаси го човекот“, не успеало целосно бришење, зошто би било можно тука – без докази, без траги, без забележана асимилација или некаква форма на геноцид?
Митот за „високата земја”
Да расчистиме еден упорен мит: етимологијата на името Македонија. Официјалната наука, најчесто низ грчки јазичен филтер, тврди дека името доаѓа од „макрос“ – висок, долг, од што произлегло „македонос“. Да ми простите, но оваа логика најдобро е карикирана во филмот „Мојата голема дебела грчка свадба“, каде што таткото е убеден дека секој збор на светот мора да потекнува од грчки.
Погледнете ја картата на античка Македонија во времето кога првпат е именувана. Не империјата од подоцнежните векови, туку јадрото: Пела и Еге (Ајга, Вергина, Кутлеш). Рамница. Неколку десетици метри надморска височина. Над нив – Олимп, со речиси три километри. Спарта, Атина и Теба се повисоки. Да ја наречете оваа земја „висока“ е, најблаго кажано, нелогично. Можеби некој го забележал тоа, па се поставила резервна теза, за секој случај да се зачува „грчкиот филтер“, демек не станува збор за висината на земјата, туку за „висината на луѓето“. Но, тука логиката се распаѓа уште побрзо. Археолошките податоци покажуваат слична телесна висина кај населението од Еге, Пела, Атина и Спарта. Спартанците, можеби заради исхраната или заради недокажаниот ритуал на „уништување на недостојното“, се дури и незначително малку повисоки во просек.
Тогаш, каква е етимолошката логика рамнина да се нарече „висока земја“, или луѓе со просечна висина да се прогласат за „високи“ во однос на другите? Настрана што се прави различна генетска основа (повисоки по род) во рамки на истиот „грчки“ народ.
Овде не тврдам дека официјалната етимологија е невозможно точна. Тврдам дека таа е логички проблематична, а тоа е сосема доволна причина да се преиспита.
Јазикот не се развива во вакуум
Тука доаѓаме до најчувствителниот дел. Важно е јасно да се каже: овде не тврдам дека палеобалканските јазици биле чисто словенски, ниту дека старословенскиот е нивен директен наследник. Тврдам нешто далеку поумерено – и понаучно: дека старословенскиот, како индоевропски јазик што се оформува токму на овој простор, не можел да се развие во јазичен вакуум, без значајна интеракција со постоечките палеобалкански слоеви. Просто – јазици со ист корен, мора да се развивале паралелно!
Сепак, веројатно од политички потреби и побуди, современата наука често прави логички скок: од фактот дека палеобалканските јазици се слабо документирани, извлекува заклучок дека не можела да постои суштинска сродност или компатибилност. Недостатокот на докази се зема како доказ. Тоа е нонсенс!
Дури и без пишани корпуси, логично е да се претпостави јазична компатибилност меѓу старословенскиот и локалните говори – доволна за јазично слевање без нагли пресеци. Сличен процес гледаме и кај латинската група, каде латинскиот не ги избришал келтските и ибериските подлоги, туку се слеал со нив. Недостатокот на целосни записи не значи дека тие подлоги не постоеле.
Кога науката вели „не знаеме“, таа е во право. Но, кога од тоа незнаење извлекува заклучок дека нешто било невозможно се претвора во догма.
Сложувалка
Во палеобалканскиот и во живите македонски говори постои зборот маќа (погрубо „мача“) – мајка. Од оваа подлошка произлегуваат „маќеа“, „мајче“ и слични форми, небиолошка мајка, но сепак мајка; онаа што не раѓа, туку чува, прифаќа, вдомува. Поими длабоко вградени во јазичната и културната свест.
Вториот елемент е дом. Во индоевропските јазици, домот не е само градба. Тој е центар, огниште, место на припадност. Домот не е таму каде што живееш; домот е таму каде што припаѓаш. Дом, секако дека ние ќе го сметаме за македонски збор, но, сепак е доволно универзален и сличен кај целата индоевропска група. Дали е дом (куќа, стан), dhoma (соба), domus (живеалиште) … Значењето е „моето место на престој“.
Кога на оваа основа ќе се додаде наставката -ија, која низ индоевропските јазици означува територија, простор, но и референца кон себе („и јас“), односно врска, се добива логична целина: Маќеа–Дом–Ија. Три прастари делови прават нова етимолошка идеја.
Не „висока земја“, туку мајка-дом, мајка што не нè родила биолошки, но нè вдомила историски. Не митска конструкција, туку семантичка логика што се вклопува далеку подобро од географската апсурдност на „висината“.
Дополнително, старословенската палатализација ни дава интересна трага. Постарите генерации ја изговараа Македонија како Маќедонија. Во речникот на Вук Караџиќ стои Маћедонија, народот Маћедонци. Албанскиот јазик и денес користи Maqedoni. Ова не се докази за некаква теорија на анти-грчки заговор, туку индикации за локален, стар изговор. Индикации дека „ќ“ не стои како случаен додаток на оригиналот „Македонос“. Да се тврди дека некој дошол од „бестрага“, презел туѓо име, го изменил фонетски со неприродна палатализација и успеал тоа да го наметне на соседните народи за да може да „украде историја“ по петнаесет века – не ќе да е наука. Може да се нарече многу нешта, од приказна или мит до логички фалсификат, но наука – никако.
Одбијте ја инфериорноста
Да бидам јасен: ова не е тврдење за конечна етимологија. По струка сум инженер по информатика, и одлично стојам со математика и физика. Значи не сум ни блиску до етимолог. Но логиката е универзална. И логиката вели дека 80 метри надморска височина покрај Олимп од три километри не се „висока земја“. Логиката вели дека варијации на висината помали од сантиметар, не создава „високи луѓе“. Затоа сметам дека ова е логичка алтернатива што заслужува да постои покрај официјалната, наместо да биде однапред исклучена.
Просто прашувам: Што ако проблемот не е во тоа што „немаме докази“, туку во тоа што не ни е дозволено да ги поврземе оние кои ги имаме пред очи? Кажете гласно: „Маќеа-Дом-Ија“ и видете ја неверојатна „случајност“ што добивате Македонија. Слично како што Посејдон е неверојатна случајност за некој со посед на дно, или оро и пеј неверојатно случајно создаваат Орфеј.
Народ што прифаќа да молчи за сопственото потекло, со време почнува да верува дека навистина дошол од бестрага. Ова е подеднакво историја и психологија – наметната интелектуална инфериорност. Време е да ја отстраниме.
Колумната е посветена на професорите Аристотел Тентов (1959–2024) и Томе Бошевски (1937–2015).