Ќе се договориме никогаш, а можеби ни тогаш

Свети Кирил е роден во Солун. Образуван во Константинопол. Мисијата ја започнал во Моравија. Починал во Рим. „Пуно је шетао“ – што би рекол еден поранешен премиер, инаку политичка ветрушка. Целиот негов животопис е патување низ култури, јазици и империјални рамки, и не може да му се додели националност.

494

Постојат луѓе што искрено веруваат дека историјата е збир на факти. И други, многубројни, што веруваат дека историјата е збир на сомнителни настани, од кои ќе се одберат такви, вистински или лажни, кои што им одговараат. Овие две групи луѓе, меѓу себе се слични како астрономија и астрологија. Или пак, можеби е попрецизно да се каже – историчари и политичари. Кога проблемите на историјата, би ги решавале вистински историчари, тие би ја третирале историјата таква каква што е – како наука. Но, кога проблемите на историјата се решаваат од политичари, тогаш историјата од наука преоѓа во буквалното значење на зборот „Historia“ или „Приказна“. Овој проблем го имаме во односите на Македонија со соседите. Политичари со научни титули се јадро на историски комисии, особено онаа на бугарската страна. А според договорот за таканаречено добрососедство и пријателство, заедно со протоколите што произлегуваат од него – ете овие политичари маскирани во историчари, треба да продуцираат решение.

Дозволете да ви посочам еден видлив и проверлив факт, во целосна корелација со погоре напишаното. Ако појдете во црквата „Св. Климент“ во Рим, веројатно ќе слезете и во криптата каде се наоѓа гробот на Св. Кирил. Ќе забележите натписи од разни народи за кои Кирил и Методиј изиграле исклучителна историска улога. На пример: „На Свети Кирил Солунски, сесловенски просветител со благодарност од Македонскиот народ“, „На светите словенски апостоли Кирил и Методиј од благодарниот Украински народ“, „На словенските апостоли, светите браќа Кирил и Методиј, заштитници на Европа, од благодарниот Хрватски народ“… И така, слични натписи имате од Чесите, Словаците, Словенците, Србите, народот на Црна Гора и не се сеќавам кој сè. Но, она на што се сеќавам сигурно е, дека меѓу сите натписи, од сите словенски народи, кон сесловенските просветители, стои и овој: „За сеќавање на бугарскиот рамноапостол и просветител, Свети Кирил, од Бугарскиот народ“. Точно така. Сите околни посвети се од словенски народи кон сесловенски просветители, но ете, бугарските политичари со маски на историчари, утврдиле дека Св. Кирил и Методиј – биле Бугари.






Свети Кирил е роден во Солун. Образуван во Константинопол. Мисијата ја започнал во Моравија. Починал во Рим. „Пуно је шетао“ – како што елоквентно би се изразил еден поранешен премиер, инаку според мене – политичка ветрушка. Целиот негов животопис е патување низ култури, јазици и империјални рамки, и не може да му се додели националност, зашто такви едноставно – не постојат во IX век. Ако денес некој инсистира да му залепи национална етикета, тоа зборува повеќе за денешната потреба за сопственост, отколку за вчерашната реалност.

Ќе се обидам да го понудам нивниот најдобар аргумент: дека Словенската писменост и просвета нашле свој најсилен и најтраен центар во рамките на границите на Средновековна Бугарија, благодарение на царот Симеон. Ова е вистина, но средновековна Бугарија е ексклузивно Бугарска, колку античка Македонија што е ексклузивно Македонска. Не може, заради историски момент на едни граници да се препише етникум или националност. Да упростиме со наш пример, бидејќи ако го земеме нивниот, ете, тоа некако ги навредува: од Македонија до Индија, не се сите Македонци!

Историските факти се јасни и недвосмислени. Прво, Бугарскиот цар Борис I се противел на Моравската мисија, што повеќе ги прави Кирил и Методиј „било што друго освен (тогашни) Бугари“. Второ, ако сакаме да зборуваме со нивни извори – дури и нивниот национален херој и светец, Свети Јован Рилски, во својот ‘Житје’ пишува дека во негово време (X век) во Бугарија ‘се уште беа многу ситни учители и словенски книги’, укажувајќи дека тие се нешто ново и што треба да се заштити – што е далеку од сликата за утврдена ‘бугарска’ просветна традиција од минатиот век.

И токму тука доаѓа смртоносниот рез на оваа дискусија. Проблемот не е во IX или X век. Проблемот е во XXI век. Во векот на Европската Унија, која се заколнува на вредности на помирување, разновидност и заедништво, нашето државно постоење се зема како заложник за еден вид политички носталгичен реновиран проект. Протоколите не бараат истражување, туку ревизија проследена со капитулација.

Договорот во својата сегашна форма не е патна карта за иднината. Тоа е траен запис за политичко потчинување. Тоа е признание дека нашите соседи имаат веќе напишана приказна, а нашата улога е само да ја потпишеме како гледачи, отстапувајќи го правото да ја имаме својата. А тоа не е дипломатија. Тоа е интелектуален империјализам.

И сега, ние како генерација, потпишано во договор со протоколи, треба да се договориме со овие политичари, при што единствениот аргумент на принуда го имаат тие: ветото на Бугарија за нашата европска иднина. Внимавајте, да се договориме со оние кои меѓу сите Словени, тврдоглаво инсистираат дека „сите грешат и сите се Бугари“. Тие не преговараат за историја, туку тргуваат со неа. Ја земаат како заложник, а откупот е нашето признание на нивната еднострана историска верзија. Тоа е драги мои – невозможна мисија.

Ме потсетува на оној познат виц кога големиот воен брод ултимативно најавил кон светлата точка во морето: „Ние сме вооружен воен брод, веднаш променете го курсот, инаку ќе бидеме принудени да пукаме“. А светлата точка мирно одговорила „Пукајте, ние сме светилникот“.

Македонија и македонскиот народ се светилникот. Светилникот стои. Неговите основи се напишани во оригинални ракописи, зачувани во сите словенски традиции. Неговата светлина е за сите. Никој не може да ја сопре, ниту да тврди дека таа светлина е единствено негова. Секој обид да се изгаси само го прави појасно дека сите други бродови ја користат истата светлина за навигација.

Затоа, мојот предлог до владата, на роденденот на даскалот е: прашајте го народот за овој договор на референдум. Ако опстои договорот, преговарајте, разговарајте, чинете, думајте… Ако падне, послушајте го народот кој ви вели: „Ќе се договориме никогаш, а можеби ни тогаш“.

Поврзани содржини