📽️ 📷 ФАТЕНИ 150 КИЛОГРАМИ МАРИХУАНА Полицијата откри таен транспорт на дрога кај Свети Николе

Координирана акција на МВР и ОЈО ГОКК разоткри шверцерска шема со шлеп-возило и „претходница“.

287

Три лица од Скопје се уапсени, а транспорт на дури 150 килограми марихуана е пресечен во координирана акција на полицијата и Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција.

Акцијата била реализирана на 26 јануари, на регионалниот пат во близина на Свети Николе, каде што полицијата запрела шлеп-возило кое превезувало патнички автомобил полн со дрога.






Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал при МВР, по претходно добиени информации, го следел транспортот и навреме интервенирал. При контролата на возилото „опел комбо“, кое било шлепувано, полицајците пронашле осум торби со 50 пакувања марихуана, скриени во багажникот и на задната клупа.

Според истрагата, возилото било купено во Струга специјално за транспорт на дрогата, а потоа, поради тоа што не било во возна состојба, било ангажирано шлеп-возило за превоз до Скопје, а потоа и кон Свети Николе. Двајца од осомничените се движеле како „претходница“ во друго возило.

Форензичката анализа потврдила дека станува збор за 150 килограми марихуана.

Јавен обвинител од ОЈО ГОКК веднаш отвори истражна постапка против тројцата осомничени за неовластено производство и трговија со дрога. По проценка дека постои опасност од бегство и влијание врз постапката, обвинителот побара притвор.

Судијата на претходна постапка го прифатил предлогот, по што на тројцата осомничени им е определен притвор.

Поврзани содржини