БИТКА НА ДАВИД ПРОТИВ ГОЛИЈАТ ИЛИ СУДСКИ СПАКУВАНА ИЗНУДА Што се крие зад пресметката Фокуснет – Македонски Телеком?

Судскиот совет сега треба повторно да одлучува за суспендираните судијки од Апелациски суд. Нивната пресуда Телеком да плати отштета од 4 милиони евра на Фокуснет, Телеком ја обжали пред Врховниот суд, кој треба да одлучи за крајниот епилог на овој случај. На потег е и Јавното обвинителство, кое собира докази и може да покрене обвинение против судијките. Случајот има пошироки општествени реперкусии, затоа што евентуална отштета би значела штета и за државниот буџет, со оглед на тоа што државата има сопственост од 36% во Телеком. Во случајот „Фокуснет против Телеком“, кој трае повеќе од две децении, се водат битки на три фронта, но неговата завршница е на повидок.

969

Судијката Наташа Савовска Димитровска од Апелацискиот суд, која заедно со уште една колешка судијка, беше разрешена од Републичкиот судски совет (РСС) за тешки прекршувања на судската постапка во случајот „Фокуснет против Телеком“, ја дезинформира и манипулира јавноста, со цел да изврши притисок врз Судскиот совет во натамошната постапка, велат извори во Македонски Телеком детално запознаени со судскиот предмет кој се влече низ судските лавиринти повеќе од 20 години.

Савовска Димитровска минатата недела одржа прес-конференција на која се пофали дека нејзината жалба до Врховниот суд е прифатена, и предметот е вратен на повторно одлучување во РСС, телото задолжено за оценка и анализа на работата на судиите. Савовска Димитровска ја презентираше оваа одлука на Врховниот суд како свој триумф и доказ дека правото е на нејзина страна, иако одлуката е речиси тривијална и работата ни од далеку не е завршена. Таа рече дека при повторното одлучување очекува дека Судскиот совет „ќе се издигне на нивото на задачата, ќе се изолира од центри на влијанија на моќ и ќе донесе законита одлука“.






– Тоа беше обична манипулација со јавноста и со терминологијата. Имено, еден од техничките елементи поради кои одлуката на Врховниот суд е вратена е образложението дека за секоја од судијките на Апелација, вкупно три, кои учествуваа во донесувањето на скандалозната пресуда против Телеком, требало да бидат донесени одвоени решенија, а не едно за сите нив. Две од нив се суспендирани по долга анализа на нивното судење, во кое се направени неколку еклатантни скандали, кои се самите кривични дела, така што ова усвојување на нивната жалба не менува ништо. Третата судијка е парично казнета, бидејки била „свиркач“ во процесот. Републичкиот судски совет, кој има направено извештај за нивните прекршувања на 73 страници, не може да донесе поинаква одлука од првичната, само што ќе биде поделена во три посебни. Оваа прес-конференција на Савовска Димитровска е само фрлање прав во очите на јавноста – вели претставник на Телеком, кој долго се занимава со овој случај.

Од компанијата велат дека решението на Врховниот суд има статус на доверливост, и не смее да се објавува во јавноста, за да не се компромитира постапката, а Савовска Димитровска, иако вели дека „се откажува од тајноста“, нема право тоа да го направи. Прво, затоа што така, според законот функционира Републичкиот судски совет, и второ, затоа што во случајот се инволвирани повеќе страни, а не само таа.

Дведецениски судски спор

Се работи за скоро дведецениски судски спор, кој Македонски Телеком го води со Фокуснет, фирма од Штип, која давала провајдерски услуги во краток период од 2001 до 2002 година. Двете фирми склучиле договор за изнајмување интернет капацитети, договор кој бил раскинат од страна на Телеком поради неисплатени обврски на Фокуснет. Штипската фирма имала идеја да нуди провајдерски услуги, но очигледно немала доволно клиенти и не ги подмирувала обврските за закупениот интернет капацитет, по што Телеком еднострано престанал да му испорачува услуги. Во тој период Фокуснет имал само еден вработен и речиси никакви приливи, а набргу отишол во стечај.

Неколку години подоцна, во 2008 година, Фокуснет поднел претставка до Комисијата за заштита на конкурентноста. И покрај повеќегодишниот спор во кој прво Комисијата за заштита на конкуренција донела одлука во корист на Телеком а години подоцна таа одлука ја променила, конечниот исход од таа постапка бил дека има прекршување но само од неколку месеци. Доколку тоа бил основот за барањето на оштета од Фокуснет, фирмата можела да бара оштета за само неколку месеци, а не 4 милиони евра оштета наводно генерирана од нивниот непостоечки бизнис во следните децении.

Поради овие причини, во 2023 година Основниот суд Скопје 2, ја одбил тужбата на штипската фирма против Телеком, и нивното милионско отштетно побарување, откако утврдил дека станува збор за фирма без имот, без основни средства, без приходи, со еден вработен и со блокирани сметки.

Казнети дури три судијки во процесот

Оваа одлука Фокуснет ја обжалил пред Апелацискиот суд, кој повеќе месеци го чувал предметот, за да одлучи по истиот во чуден термин, пред судска ферија, среде избори и турбуленции и во политиката и во судството, и набрзина донел радикална одлука – Македонски Телеком е виновен за раскин на договорот и за престанок на бизнисот на Фокуснет и треба да плати, не 2 туку 4 милиони евра отштета, пресметка на претпоставен профит што божем Фокуснет, ако работел, ќе го остварел. Во Телеком ова е доживеано како шок, кој станал уште поголем кога виделе на што се темели таквата одлука.

Имено, во жалбената постапка, трите судијки, изнеле нови докази, и тоа интерни документи од Телеком, кои се однесуваат на нивна соработка со трети фирми во друг временски период и имаат доверлив карактер. Настрана од тоа што изнесувањето на такви доверливи документи укажувало на внатрешно „протекување“, кое е само по себе проблем, изнесувањето докази во жалбена постапка е недозволено во судската постапка. Докази се изведуваат во првостепена постапка, но не и во жалбена. Но Апелација донела одлука „мериторно“, што исто така е крајно чудно да се направи уште во првата жалбена постапка.

Уште повеќе е спорно што пресудата е донесена без одржување јавна седница, што другата страна не е повикана да ги објасни или оспори доказите, или начинот како тие се прибавени, и покрај официјалното барање за одржување на јавна седница. Ништо од тоа. Индикативно е и што членовите на Судечкиот совет се менувале повеќе пати, но не и судијката-известител, кој има најголемо влијание на носење на одлуката, имено, веќе спомнатата Наташа Савовска Димитровска. Покрај неа, во Судечкиот совет на Апелацискиот суд за овој предмет одлучувале и судијките Роза Георгиева и Јетмире Ајдини Бошњаку.

Постапката која Телеком ја покренал пред Републичкиот судски совет за начинот на кој е донесена оваа пресуда, подоцна завршила со суспензија на двете судијки Савовска Димитровска и Георгиева, како и парична казна за судијката Ајдини Бошњаку.

Сомнеж за злосторничко здружување во судството

Случајот предизвика земјотрес во судските кругови, но ги надмина границите на судството и стана предмет на кривична истрага. Основното јавно обвинителство (ОЈО) започна истрага поради сомнеж за тешки злоупотреби во правосудството и можно злосторничко здружување, и откако пријавата е разгледана, Кривичниот суд издал времена мерка за запирање на извршувањето на судската одлука на Апелација, односно спречена е наплатата на досудената отштета од 4 милиони евра, со што е спречен одливот на парите додека не завршат правните процедури во врска со кривичната пријава со индиции за криминал.

ОЈО соопшти дека води предистражна постапка, дека во предметот се преземени повеќе дејствија и се испитани повеќе лица.

„Воедно прибавен е целокупниот предмет за граѓанската постапка, како и други докази. Прибавена е и одлуката на Судскиот совет по однос на постапувањето на судиите во конкретниот случај. Се преземаат и други дејствија во предистражна постапка, по што ќе биде донесена јавнообвинителска одлука. Во меѓувреме, по предлог на јавниот обвинител, Судот определи мерки за привремено запирање на извршување определени финансиски трансакции“, објаснија тогаш од ОЈО.

Постапувајќи по претставката на Телеком, Републичкиот судски совет констатираше редица прекршувања од Апелацискиот суд во процесот на постапување по жалбата на одлуката во првостепената постапка и, покрај другото, пронајде сериозни индиции за постоење на два записници поради кои Републичкиот судски совет го алармирал и Јавното обвинителство. Исто така, надвор од Законот за парнична постапка, пресудата со која се преиначува првостепената одлука била донесена без одржување на јавна расправа. Исто така во одлуката на Апелација најдени се списи што воопшто не биле дел од првостепената постапка.

За Наташа Савовска Димитровска и за Роза Георгиева, Републичкиот судски совет донесе одлука за разрешување. Третата судијка, Јетмире Ајдини Бошњаку, е казнета со парична казна од Советот. Поблагата казна за судијката Ајдини Бошњаку е резултат на тоа што и покрај тоа што била дел од Судскиот совет во овој спор, алармирала за неправилностите, односно била „свиркач“. Според нејзиното тврдење, во носењето на одлуката, таа побарала да има издвоено мислење, односно забелешка дека не се согласува со донесената пресуда за Телеком. Сепак, тоа издвоено мислење не може да се најде во архивираните записници, што ги упатило истражителите на заклучокот за можно фалсификување судски записници, што е посебно кривично дело за кое се предвидени сериозни казни.

„Моќниот“ Телеком – жртва на судска изнуда

Како и да е, суспендираните судијки ја обжалиле одлуката на РСС за нивното суспендирање. Во согласност со законот Врховниот суд формирал посебен жалбен совет, кој донел одлука да го врати предметот на повторно одлучување кај РСС. Засега не е познато кога повторно ќе одлучува РСС за суспендираните судијки.

За истиот случај, односно за одлуката на Апелацискиот суд (Телеком да плати отштета од 4 милиони евра на Фокуснет) Телеком поднел правен лек до Врховниот суд, кој треба да одлучи за крајниот епилог на овој случај.

Во меѓувреме, исто така „на потег“ е и јавното обвинителство, кое собира докази и може да покрене обвинение за злоупотреба на службената положба и овластување, па дури и за злосторничко здружување, доколку дојде до такви сознанија. Како и да е, во случајот „Фокуснет против Телеком“, кој трае повеќе од две децении, се водат битки на три фронта, но неговата завршница е на повидок.

Нашиот соговорник од Телеком вели дека случајот има пошироки општествени реперкусии, затоа што евентуална отштета би значела штета и за државниот буџет, со оглед на тоа што државата има сопственост од 36 отсто во Телеком.

– Суспендираните судијки, и тужителот, играат на картата на популизмот, да ја свртат јавноста во своја корист, божем, тие се малите и слабите во судир со моќниот Телеком и се борат за правда, како Давид против Голијат. А суштината е сосема спротивна – моќниот Телеком, некому со влијание во судството и во политиката, може да му изгледа како доволно голема и лесна мета за изнуда. Да не ви спомнувам колку понуди сме имале вонсудски да се спогодиме, „за да не поминеме полошо на суд“. И навистина, малку фалеше да бидеме „матирани во потег“. Апелација носи одлука, таа е извршна и крај! Со крајни напори успеавме да се избориме фирмата во стечај 20 години да не го наплати својот плен со тоа што го внесовме во Обвинителство и во РСС. И уште не е готово. Се прашувам, ако моќна компанија како Телеком толку тешко може да се избори за своето право, како ли тоа ќе го направи некоја помала компанија или било кој граѓанин – вели нашиот соговорник од Телеком.

Поврзани содржини