МЕРЦ ПОСАКУВА ГЕРМАНИЈА ПРВА ВО СВЕТОТ ДА ПРОИЗВЕДУВА ЕНЕРГИЈА СО НУКЛЕАРНА ФУЗИЈА Енергијата на ветерот е преодно решение

Сојузната влада на Германија на почетокот на октомври одобри повеќе милијарди евра за поддршка на истражувања во оваа област, иако технологијата сè уште се наоѓа во експериментална фаза.

342

Енергијата од ветропарковите на море се само преодно решение, а во иднина Германија ќе мора да се потпре на енергијата од нуклеарна фузија, рече денеска германскиот канцелар Фридрих Мерц.

Мерц присуствуваше на самитот на земјите од Северното Море вво Хамбург, каде што учествуваа и лидерите на Данска, Белгија, Холандија и Норвешка кои договорија изградба на нови ветроелектрани. Тој нагласи дека енергијата на ветерот „ќе ја придружува Германија во наредните 10, 20, можеби 30 години“, но дека не е крајно решение.






Според него, долгорочната цел на Берлин е Германија прва во светот да пушти во работа комерцијален фузиски реактор.

Мерц оцени дека таквиот технолошки исчекор би овозможил производство на електрична енергија по исклучително ниска цена, со што, како што наведе, „другите методи на производство би станале непотребни“.

Нуклеарната фузија, за разлика од класичната нуклеарна енергија заснована на цепење на атомите (фисија), подразбира спојување на лесните атомски јадра во потешки, при што се ослободуваат огромни количини енергија.

Сојузната влада на Германија на почетокот на октомври одобри повеќе милијарди евра за поддршка на истражувања во оваа област, иако технологијата сè уште се наоѓа во експериментална фаза. Научниците ниту по децении истражувања не успеаја да произведат значителни количини енергија од фузиските постројки бидејќи за нивната работа често е потребно повеќе енергија отколку што се добива со фузијата.

Мерц сепак е оптимист и смета дека технологијата би можела да биде комерцијално достапна во наредните 10 до 20 години.

Еколошките организации и некои експерти сепак се скептични и предупредуваат дека чекањето на развојот на фузијата би можело да доведе до одложување на примената на постојните обновливи извори на енергија. Тие исто така напоменуваат дека фокусот на големите централизирани постројки не е во согласност со концептот на децентрализираната енергетска транзиција.

Поврзани содржини