КОГА НАСТАПУВАЛ ДИЏЕЈ ОД ГРЦИЈА СЕ ВРТЕЛЕ ФАКЕЛИ ВО „ПУЛС“ Стампедото се расчистило за 20 минути, сведокот Кристијан го видел газда Деко како трча со ПП апарат

Наеднаш настана стампедо и кој колку можеше даваше помош. Стампедото беше еден врз друг, беше тешко да се извлечат луѓе. Стампедото беше надвор на скалите, паѓаа еден врз друг. Дел се заглавија на самиот влез, меѓу првата и втората врата во диското – сведочеше Кристијан.

2,135

Кристијан Панов, брат на загинатиот Андреј Панов, кој бил повикан на испомош во дискотеката „Пулс“, кобната вечер се спасил зашто излегол надвор на цигара пред да избувне пожарот.

Во неговото денешно сведочење тој рече дека бил невработен но дека работел во дискотеката „Пулс“ на испомош како келнер. Не одел секоја вечер, туку по потреба. Добивал по 1.500 денари дневница, на почетокот на вечерта. На шанкот ги плаќале пијалоците кога ги нарачувале од тие 1.500 денари што им биле како каса, а после ги наплаќале пијалоците од гостите.






Неговиот брат Андреј бил шанкер во „Пулс“, тој земал по 2.000 денари дневница. Не бил пријавени како вработени.

Кристијан рече дека во дискотеката настапувале различни бендови, диџеи, и не само од Македонија.

На прашањето од обвинителот дали и претходно била користена пиротехника, тој рече:

– Да. Пред 16 март имаше диџеј од Грција, имаше танчерки, немаше прскалки, туку вртеа со факели со оган. Ги вртеа во воздух и танцуваа со нив.

Панов рече дека во „Пулс“ имало само еден влез и излез, но не беше сигурен дали тој бил означен со светлосен сигнал. Тој потврди дека за време на настаните во дискотеката имало обезбедување и дека имало многу гости.

– Имаше постојано обезбедување. Тие беа од Кочани. Лазар Захариев, Столе и Ивица. Стоеја надвор на вратата, прегледуваа билети, ставаа печат на раката на тие со билет и влегувате во диското. Имаше и малолетнии на тие настани. Имаше полиција во униформа, но не толку често и не беа присутни цело време – рече тој и додаде дека доаѓале и полицајци без униформа.

Тој не знае кој ги организирал настаните, но рече дека резервација на маса се правела преку менаџерот Борис Финдачки, ама можело и преку сопственикот Деко или преку неговиот син Михаил.

Сведокот Кристијан рече дека не видел противпожани апарати. За братот на Деко, Тодор Јованов, рече дека продавал билети и на малолетни.

На 16 март, во „Пулс“ работел брат му на Кристијан на шанкот, а тој дошол околу 2.20 часот. Се приклучил во друштвото на неговиот пријател Мартин Илијев кој славел роденден.

– По некое време излегов да испушам цигара. Во тој момент влегуваа полицајци, една полицајка. Кристина, не ѝ го знам презимето, ме праша каде сум тргнал. Во тој момент се запали диското. Јас излегов надвор, ја запалив цигарата и немаше никој да излезе едно 40 секунди и одеднаш сите трчаа и излегуваа колку што можат. Наеднаш настана стампедо и кој колку можеше даваше помош. Стампедото беше еден врз друг, беше тешко да се извлечат луѓе. Стампедото беше надвор на скалите, паѓаа еден врз друг. Дел се заглавија на самиот влез, меѓу првата и втората врата во диското – сведочеше Кристијан.

Тој рече дека концертот на ДНК бил во тек. На прашањето дали некој од групата дал коментар, Кристијан рече:

– Да, Андреј или Панчо рече на микрофонот „Излегувајте, ќе се вратиме“.

– Се обидовте ли да влезете? – праша обвинителот.

– Да, влегов. Беше претешко да бидеш внатре повеќе од 10 секунди. Го барав брат ми. Влегов после 20 минути, кога стампедото беше расчистено. Претходно не беше можно да се влезе, пред да се расчисти. Потоа можеше да се влезе. Сите беа во паника и во шок, сите се бореа да излезат, настана екстремно голема паника, што всушност и го предизвика стампедото – рече Кристијан.

– Како се расчисти стампедото? – праша обвинителот.

– Имаше луѓе што помогнаа, луѓе што беа надвор во тој момент. Имаше многу луѓе пред диското и помогнаа да се расчисти, оти имаше паднати луѓе. Јас исто, помогнав колку што можев. Побарав светло од пожарникар, да светнам внатре, ништо не се гледаше, имаше многу тела на земјата. Тој немаше, јас светев со мојот телефон и го барав брат ми. Додека го барав, нешто одзгора падна врз мене, се распрсна во пламен, па излегов. Кога се вратив по втор пат, го најдов на самиот праг пред диското. Внатре имаше многу тела, ниеден немаше свест, веќе беше доцна за нив. Јас ги тргав телата барајќи го брат ми и се трудев да помогнам колку можеме повеќе од нив да извлечеме надвор.

– Како го извлековте вашиот брат? – праша обвинителот.

– Тој беше на прагот, некој веќе го извлекол, само што го видов, не бев сигурен првин дали е тој, го познав по тетоважите. Го повикав братучед ми Иле Гаврилов да ми помогне. Го кренавме телото и влеговме во амбулантата. Имаше премногу гужва таму. Во амбулантата му дадоа адреналин и го префрлија во друга соба. Јас прашував дали е жив и никој не ми даде одговор. Останавме само јас и тој, јас се обидував да го реанимирам. Имаше лекари. Една сестра ми кажа дека сите тие што се во соба број 2 не дишат – рече Кристијан.

Тој рече дека го видел Лазар од обезбедувањето како пружа помош на повеќе луѓе, но други не видел. Не се сеќава дали го видел Тодор Јованов или брат му, но дека го извлекле од стампедото.

– Дали видовте некој од нив двајца да употребува ПП апарат? – праша обвинителот.

– Деко. Тоа беше моментот кога тргнав на цигара, а полицајката ме држеше таму, го видов Деко како трча со апаратот. Не ми беше јасно отпрвин што се случува. Кога го видов пожарот се оттргнав кон надвор, а во тој момент Панчо или Андреј од ДНК рекоа „Излезете надвор“. Јас во тој момент стоев кај каубојската врата, тоа беше почетокот на пожарот – сведочеше Кристијан.

Потоа сведокот одговараше на прашања од Ивана Коцевска, бранителка на Деко и на Михаил Јованов.

– Рековте дека повремено сте работеле како келнер во „Пулс“. На прашањето на јавниот обвинител рековте дека не сте виделе внатре ПП апарати. За критичната вечер рековте дека сте виделе како Деко употребувал ПП апарат. Сепак, имало ПП апарати и вие сте знаеле за тоа? – праша таа.

– Не, не сум знаел за тоа, немав видено ПП апарат. Прв пат видов ПП апарат таа вечер – рече тој.

На прашање на бранителот на Тодор Јованов, Александар Новаковски, дали за таа вечер знае дали Тодор продавал билети на малолетници, сведокот одговори:

– Лично не сум видел. Отидов доцна, кога веќе сите беа влезени. Но, внатре имаше многу малолетници таа вечер. Најверојатно имало и влезени без карта.

Бранителот на Јане Јанчевски праша:

– Рековте дека за периодот кога сте биле ангажиран често сте сретнувале посетители малолетници и полициски службеници. Дали тие знаеле дека во диското има малолетници?

– Да, а имаше полициски службеници што не беа во униформа. Знаеја дека има малолетници – рече сведокот Кристијан.

Адвокат на Лазар Захариев праша:

– Ќе се согласите ли со мене дека Захариев најмногу има спасено, со крајни маки го правел тоа и дека не се тргнал од таму ниту една секунда?

– Не знам дали спасил најмногу, но го видов дека помага. Тоа е човечки инстинкт и одговорност, а пожарот е од човечка неодговорност – рече Кристијан.

Тој потврди дека било крајно тешко да се извлекуваат луѓето и дека благодарение на Лазар многу луѓе се живи.

Поврзани содржини