СООБРАЌАЕН ХАОС КАЈ КРСТОТ ВО ЛИСИЧЕ Судар на три возила создадоа долги колони и нервозни возачи

Дождот и најавените врнежи дополнително го зголемија бројот на возила, а увидот на полицијата предизвика долги колони на неколку булевари

2,250

Судар на три возила денеска предизвика сериозен сообраќаен метеж на раскрсницата меѓу булеварите Србија, 3-та Македонска бригада и 12-та Македонска бригада, кај крстот во населбата Лисиче, поради што сообраќајот се одвиваше отежнато повеќе од половина час.

На терен интервенираа припадници на сообраќајната полиција, а присутно беше и уште едно возило на Министерството за внатрешни работи, кое го обезбедуваше местото на настанот додека траеше увидот.






Според сведоци, сообраќајната колона на булеварот 12-та Македонска бригада била исклучително долга. Овој булевар, покрај жителите на населбата Лисиче, го користат и граѓаните од Горно и Долно Лисиче, како и од населбата Драчево, што дополнително го зголемило притисокот врз сообраќајот. Колони се формирале и од потегот кај семафорите во Усје, сè до проблематичната раскрсница, а застојот продолжувал и во насока кон центарот на Скопје.

– Повеќе од 20 минути ми требаше само да излезам од населбата Лисиче. Колоната беше многу долга, а кога конечно стигнав до семафорот, кој инаку трае многу пократко од другите, дури два пати стоев на зелено бидејќи полицијата го вршеше увидот – изјави жител на Лисиче за Плусинфо, кој до редакцијата достави и фотографии од местото на настанот.

Дополнителен фактор за зголемениот метеж беа и врнежите од дожд, како и најавите за нестабилно време во текот на денот. Како што е познато, во Скопје сообраќајот значително се влошува кога има дожд или најави за врнежи, што и денеска беше случај, согласно прогнозите на метеоролозите за Град Скопје.

Засега нема информации за повредени лица, а причините за сообраќајната незгода се утврдуваат.

Поврзани содржини