УНГАРИЈА НЕМА ДА БИДЕ ЗАПЛАШЕНА Орбан му порача на Зеленски да не очекува дека ќе добие пари од нив

Унгарскиот премиер остро реагираше на изјавите на украинскиот претседател во Давос и најави национална петиција против плановите на Европската унија за долгорочна финансиска поддршка на Украина.

1,218

Унгарскиот премиер Виктор Орбан денеска му порача на украинскиот претседател Володимир Зеленски дека Унгарија нема да биде заплашена, реагирајќи на неговите изјави дадени на Светскиот економски форум во Давос.

„Унгарија нема да биде заплашена. Претседателите доаѓаат и си одат, лични навреди можат да се случат, но достоинството на Унгарија е нешто за кое не може да се преговара. Претседателот на Украина, Зеленски, треба да го запомни тоа“, напиша Орбан во објава на социјалната мрежа X.






Унгарскиот премиер претходно го критикуваше Зеленски за неговиот говор во Давос, во кој, според официјални реакции од Будимпешта, украинскиот претседател „повторно ја нападнал унгарската Влада и лично Орбан“.

Орбан наведе дека Зеленски смета оти поддршката за Украина е недоволна, и во оружје и во политичка решителност од страна на Европа, но дека одговорот од Брисел не доцнел.

– Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, презентираше патоказ за Украина. Во него Брисел ги прифати сите украински барања: 800 милијарди долари финансиска поддршка, забрзан пристап кон Европската унија до 2027 година и продолжена помош до 2040 година – изјави Орбан.

Според него, Зеленски „погрешил во сè“, но Европската унија е „подготвена да плати“.

– И за тоа ќе кажеме неколку зборови. Доаѓа национална петиција со која унгарските граѓани ќе можат да испратат јасна порака до Брисел, нема да платиме – порача Орбан.

Поврзани содржини