УКРАИНА ВО МРАК 22 јануари беше најтежок ден по големиот струен прекин во 2022 година
Министерот за енергетика на Украина во објава на Телеграм наведе дека земјата се соочува со исклучително тешка ситуација поради низа фактори, пред сè постојаните напади кои доведоа до оштетување на производствените капацитети, разорување на дистрибутивните мрежи и трансформаторите.
За Украина 22 јануари беше најтешкиот ден за електроенергетскиот систем од големиот прекин на струја во ноември 2022 година, изјави синоќа првиот потпретседател на владата и министер за енергетика на Украина, Денис Шмихаљ.
Шмихаљ во објава на Телеграм наведе дека земјата се соочува со исклучително тешка ситуација поради низа фактори, пред сè постојаните напади кои доведоа до оштетување на производствените капацитети, разорување на дистрибутивните мрежи и трансформаторите, како и континуираните удари ширум енергетската мрежа.
Според него, енергетските компании се принудени да продолжат со вонредни исклучувања, додека државната компанија „Укренерго“, заради зачувување на стабилноста на системот, воведе посебни распореди за итни рестрикции.
Шмихаљ истакна дека најтешка е ситуацијата во Киев, Киевската област и Дњепропетровската област. Тој предупреди дека, покрај нападите врз инфраструктурата, се води и информативна војна, со појава на бројни дезинформации и манипулации во јавниот простор, повикувајќи ги граѓаните да се потпираат исклучиво на официјални извори на информации.
„Непријателот се обидува да го вознемири украинското општество. Во информативниот простор има многу лажни информации и манипулации. Ве молам да им верувате само на официјалните информации“, наведе Шмихаљ во својата порака на Телеграм.