📷 СКОПЈЕ ПОД СНЕГ, ЕКИПИТЕ НА НОЗЕ Ѓорѓиевски со итна реакција, градот расчистува од рано утро
Градоначалникот на Скопје информира дека сите градски служби се целосно мобилизирани поради снежните врнежи, а приоритет е безбедноста на граѓаните и проодноста на сообраќајниците.
Екипите на Град Скопје од раните утрински часови се на терен и интензивно работат на расчистување на снегот од улиците и булеварите што се под градска надлежност, информира градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски.
Според него, снежните врнежи не се изненадување во зимскиот период, поради што градските служби навремено реагирале, а кризниот штаб е ставен во целосна функција.
– Снегот не е изненадување во зима, подготвеноста е наша обврска. Од раните утрински часови сите екипи се постојано на терен и работат на расчистување на улиците и булеварите – вели Ѓорѓиевски.
Тој додава дека кризниот штаб на Град Скопје е активиран 24 часа дневно, со цел навремено следење на состојбата и брза интервенција на сите критични точки низ градот.
– Кризниот штаб работи без прекин, со континуирано следење и детектирање на сите клучни и критични точки, за да може веднаш да се реагира таму каде што е најпотребно – нагласи градоначалникот.
Ѓорѓиевски посочува дека безбедноста на граѓаните е апсолутен приоритет и упати апел до сите учесници во сообраќајот да бидат внимателни.
– Апелирам до сите возачи да ги почитуваат сообраќајните правила, да возат внимателно и да ја прилагодат брзината на зимските услови. Само со заедничка одговорност можеме да имаме безбедно Скопје – рече тој.
Од Град Скопје порачуваат дека расчистувањето ќе продолжи сѐ додека сите главни сообраќајници не бидат целосно проодни.