ВО КОИ ДРУГИ СЛУЧАИ СУДЕЛ СУДИЈАТА РИСТОВ, КОЈ СОЅИДА 350.000 ЕВРА? Вреди бара целосни и независни истраги за корупција во судството
Главното прашање што останува е кој ги држел овие луѓе на овие позиции толку години и зошто – праша на прес-конференција портпаролот на Вреди.
Веста дека кај судијата Ѓоко Ристов се најдени 350 илјади евра пари осомничени за корупција, не е само индивидуален скандал, туку е вест која ја уништува дури и последната доверба што граѓаните ја имаа во правосудниот систем – оцени Движењето Вреди на денешната прес-конференцијата одржана од портпаролот Дритон Сулејмани.
– Вреди е убедена дека ова не е изолиран случај, туку врв на ледениот брег на еден скапан систем, кој со години ги штити силните, а ги угнетува обичните граѓани. Она што ја прави ситуацијата уште поалармантна е фактот дека Ѓоко Ристов не е непознато име за правдата – рече Сулејмани.
Затоа, рече портпаролот Сулејмни, денеска поставуваме неколку конкретни прашања:
– Во колку други случаи бил вклучен судијата Ѓоко Ристов?
– Во колку случаи бил дел од одлуки за притвор, финансиски гаранции или одложувања на постапките?
– Кои конкретни одлуки доведоа до ослободителни пресуди и избегнување на одговорност за моќници?
– Главното прашање што останува е кој ги држел овие луѓе на овие позиции толку години и зошто?
– Вреди е свесна дека работата што претстои е огромна. Но, едно е нешто што не може да се преговара: целосни и независни истраги. Конкретна одговорност, со имиња и презимиња. И радикално чистење на систем скапан до срж – рече Дритон Сулејмани на пресконференцијата на Вреди.