ИЗМАМА СО ПРЕВОЗ НА УЧЕНИЦИ ВО ТЕТОВО Со фактури без основ и лажни изјави сакале да „извадат“ 2,1 милион денари
60-годишен жител на Шемшово и фирма осомничени дека со фиктивни фактури и лажни изјави се обиделе да наплатат 2,1 милион денари од средно училиште.
Полицијата во Тетово поднесе кривични пријави против 60-годишен жител на селото Шемшово и против правно лице, поради сомнение дека со лажни фактури се обиделе да извлечат над два милиони денари за превоз на ученици.
Според информациите од СВР Тетово, пријавениот Ќ.Ф. заедно со фирмата, во текот на октомври, ноември и декември 2024 година, без никаков правен основ изготвувале фактури за наводен превоз на ученици. Вкупната сума на фактурите изнесувала 2.152.447 денари, а тие биле доставени до средно училиште во Тетово.
Откако обидот за наплата не успеал, пријавените во два наврати се појавиле во нотарска канцеларија, каде што дале лажен исказ со цел нотарот да изготви предлог за нотарски платен налог, со кој би се обиделе присилно да ги наплатат парите.
Случајот е целосно документиран, а против осомничените се поднесени кривични пријави за измама и давање лажен исказ.