ДВАЈЦА СКОКАЧИ ПО КРСТОТ ЗАВРШИЈА ВО БОЛНИЦАТА 8. СЕПТЕМВРИ Премрзнаа во студените води на Вардар
Да се плива во надојдениот Вардар денеска не беше нималку лесно. Брзата и студена вода го отежна излегувањето на некои од пливачите на кејот.
Двајца верници, кои скокнаа во реката Вардар за да го фатат крстот на денешното одбележување на празникот Водици во Скопје, завршија во болницата 8-ми Септември поради премрзнување. Едниот имал 20, а другиот 26 години. Според информациите од болнички извори, нивната состојба е стабилна, објави Сител.
За фаќање на крстот во Скопје годинава беа пријавени 160 верници, а околу 140 влегоа во водите на Вардар. Да се плива во надојдениот Вардар денеска не беше нималку лесно. Брзата и студена вода го отежна излегувањето на некои од пливачите на кејот. На некои им беше потребна помош од екипите на Црвениот крст.
Настанот привлече илјадници граѓани – значително повеќе од лани. Преполни беа сите околни мостови и кејот, а Скопје уште еднаш покажа дека традицијата на Богојавление не е само религиозен чин, туку и силен симбол на заедништво, храброст и вера.
Оваа година 24-годишниот Дарко Митровиќ од Центар го фати светиот крст во водите на Вардар во Скопје. Тој најбрзо исплива меѓу сите пријавени кои скокнаа од кејот, по што доби подароци.