НЕ МИ ДАДОВТЕ НОБЕЛОВА НАГРАДА ЗА МИР, ЗАБОРАВЕТЕ НА МИРОТ Трамп испратил скандалозно писмо до норвешкиот премиер

Премиерот Сторе ја потврдил автентичноста на писмото, појаснувајќи дека Нобеловиот комитет за мир делува независно и дека одлуките за доделување на наградата не се во надлежност на норвешката влада.

690

Американскиот претседател Доналд Трамп испратил остро и контроверзно писмо до норвешкиот премиер Јонас Гар Сторе, во кое изразил незадоволство од одлуката на Нобеловиот комитет за мир и упатил пораки што предизвикаа реакции во европските дипломатски кругови.

Во писмото, кое го објавија норвешките медиуми, Трамп наведува дека поради тоа што не му била доделена Нобеловата награда за мир, не чувствува обврска неговата политика да биде водена исклучиво од мировни приоритети, туку од она што тој го смета за интерес на САД.






Американскиот претседател повторно го спомнал и Гренланд, оценувајќи дека Данска не е во состојба соодветно да го заштити островот од потенцијални закани од Русија или Кина. Во писмото, според наводите, тој го довел под прашање и правото на сопственост врз територијата, продолжувајќи ја реториката за можноста Гренланд да премине под американска контрола.

Норвешкиот весник „Верденс ганг“ објави дека премиерот Сторе ја потврдил автентичноста на писмото, појаснувајќи дека Нобеловиот комитет за мир делува независно и дека одлуките за доделување на наградата не се во надлежност на норвешката влада.

Според истите извори, содржината на писмото била споделена и со неколку европски амбасадори во Вашингтон, што дополнително ја засилило загриженоста во дел од европските престолнини за насоката на американската политика и односите со сојузниците.

Писмото на Трамп доаѓа во период на зголемени трансатлантски тензии, особено поради прашањето за Гренланд и најавите за можни економски мерки кон европски земји, што ја отвора дилемата за идните односи меѓу САД и Европа.

Поврзани содржини