АМЕРИКАНСКИ ФОНД ЈА ТУЖИ МОСКВА ЗА ДОЛГ ОД 225,8 МИЛИЈАРДИ ДОЛАРИ Сака да си наплати обврзници од Царска Русија од 1916 година

Фондот тврди дека долгот може да се отплати со користење на замрзнатите суверени средства на Русија во странство, кои беа замрзнати по анексијата на Крим и почетокот на инвазијата на Украина.

236

Американскиот инвестициски фонд „Нобл Капитал РСД“ поднесе тужба во американскиот федерален суд против руската влада, барајќи Русија да биде признаена како должник по обврзниците на Руската империја издадени во 1916 година, објави руското издание РБК.

Во случајот, како обвинети се наведени Руската Федерација, Министерството за финансии и Националниот фонд за благосостојба на Русија, а бараниот износ изнесува 225,8 милијарди долари.






Фондот тврди дека долгот може да се отплати со користење на замрзнатите суверени средства на Русија во странство, кои беа замрзнати по анексијата на Крим и почетокот на инвазијата на Украина.

Адвокатите интервјуирани од РБК сметаат дека шансите фондот да добие 225,8 милијарди долари од Русија се исклучително мали. Тие додаваат дека тужбата е поднесена повеќе како начин за „тактички притисок“ и за тестирање на правните можности за користење на замрзнатите руски средства, наместо да се чека политичка конфискација во корист на Украина.

Процесот, според медиумот, има цел да создаде дополнителни правни ризици околу руските средства и да влијае на преговарачките позиции на САД и Русија во врска со решавање на конфликтот во Украина.

По почетокот на војната во 2022 година, имотот на Руската централна банка во вредност од 260 милијарди евра беше замрзнат во западните земји, од кои околу 193 милијарди евра се чуваат во белгискиот депозитар Euroclear.

Во декември 2025 година, Европската унија одобри замрзнување на средствата на Русија до крајот на војната и додека не се надомести штетата на Украина. Користењето на овие средства, вклучително и за помош на Украина, се дискутира уште од почетокот на конфликтот, но ЕУ сè уште не постигна договор по ова прашање.

Поврзани содржини