ИНСТИТУТОТ ЗА ТРУД ГО ПОДДРЖА НОВИОТ ЗАКОН ЗА ЗАШТИТА ОД ПУШЕЊЕ Се заштитуваат здравјето и правата на сите работници

Според Институтот, предложениот закон, кој предвидува целосна забрана за пушење во сите затворени јавни и работни простории, не е рестриктивна мерка, туку основен здравствен стандард и човеково право бидејќи  секој работник има неприкосновено право на чист воздух и работно место кое не го загрозува неговото долгорочно здравје.

30

Институтот за медицина на трудот, како водечка јавно-здравствена установа во оваа област, изразува целосна и недвосмислена поддршка за Предлог-законот за заштита од пушење, соопштија оттаму.

Според Институтот, предложениот закон, кој предвидува целосна забрана за пушење во сите затворени јавни и работни простории, не е рестриктивна мерка, туку основен здравствен стандард и човеково право бидејќи  секој работник има неприкосновено право на чист воздух и работно место кое не го загрозува неговото долгорочно здравје.






Во соопштението се нагласува дека работниците во угостителскиот сектор, се меѓу најранливите групи.

– Овие вработени често се изложени на високи концентрации на тутунски чад во текот на целото работно време, кое често надминува 8 часа дневно. За овие работници, „пасивното пушење” не е избор, туку претставува сериозен здравствен ризик кој потекнува од нивното работно место – велат од Институтот.

Оттаму се додава и дека научните докази се јасни: не постои „безбедно” ниво на изложеност на чад или аеросоли од тутунски и никотински производи.

-Пасивното пушење е докажана причина за сериозни респираторни и кардиоваскуларни заболувања, вклучувајќи го и ракот на белите дробови, дури и кај непушачите. Наша должност како јавно-здравствена установа е да обезбедиме ниту едно лице да не биде „колатерална штета” на туѓа навика додека ги извршува своите професионални обврски- велат од Институтот.

Затоа, Институтот ги повикува работодавачите, особено во угостителството, да ја поддржат примената на законот како мерка за безбедност при работа, а не како „казна”, а работниците да го препознаат правото на чист воздух како дел од правото на безбедно работно место.

Институтот бара инспекциските и надлежните органи да обезбедат доследна примена, затоа што само така законот ќе ја исполни својата цел.

„Со спроведувањето на овие мерки, не само што ги штитиме поединците, туку и ја зајакнуваме нашата економија преку намалување на боледувањата и продолжување на животниот век на нашата работна сила. Институтот за медицина на трудот на РСМ цврсто стои зад овој закон. Јавното здравје и безбедноста на нашите работници мора секогаш да имаат предност пред комерцијалните интереси. Повикуваме на поддршка од сите чинители за оваа транзиција кон почиста, поздрава и попродуктивна работна средина за сите работници во нашата земја“, се вели во соопштението

 

Поврзани содржини