ТРАМП ЗАСЕГА НЕМА ДА ГО НАПАДНЕ ИРАН „Техеран нема планови за егзекуции, ќе го почекаме развојот на ситуацијата“

Новинарите синоќа директно го прашаа Трамп дали во моментот е на маса воена интервенција врз Иран, на што тој одговори „не“.

228

Американскиот претседател Доналд Трамп синоќа изјави дека Иран „нема планови за егзекуции“, но сепак, не ја исклучи воената опција, велејќи дека неговата администрација ќе почека и ќе види како ќе се развива ситуацијата. Пред неколку дена тој му се закани на Техеран дека ќе изведе воена акција врз Иран ако се реализираат најавените егзекуции на уапсените демонстранти кои претходно две недели протетсираа против режимот на ајатолахот Хамнеи.

Новинарите синоќа директно го прашаа Трамп дали во моментот е на маса воена интервенција врз Иран, на што тој одговори „не“.






На некои американски службеници им е советувано да ја напуштат американската воена база во Катар како мерка на претпазливост. Повеќе земји ги повикаа своите граѓани да го напуштат Иран, додека некои авиокомпании ги ноќеска ги пренасочија летовите за да го избегнат иранскиот воздушен простор.

Иран синоќа го затвори воздушниот простор за прелет на авиони, а од утрово авиосообраќајот е нормализиран.

Фото: Принтскрин

 

Според американската организација за човекови права, најмалку 2.400 демонстранти се убиени од почетокот на бруталното задушување од страна на иранските власти, а блокадата на интернет останува на сила. Атмосферата во Техеран деновиве е „исклучително тешка и напната“, изјави еден жител за Си-Ен-Ен.

Претседателот Трамп го информирал својот тим за национална безбедност дека сака акцијата на САД во Иран да биде брз и решителен удар врз режимот во Техеран, велејќи дека се стреми да избегне долготраен конфликт. Оваа информација ја објави Ен-Би-Си њуз, повикувајќи се на американски функционер и лице блиско до Белата куќа.

– Ако направи нешто, сака тоа да биде конечно – изјави едно од лицата запознаени со дискусиите.

Тие исто така додаваат дека американскиот претседател е подготвен да го исполни своето ветување до демонстрантите во Иран да интервенира во поддршка на нивните напори.

Трамп синоќа рече и дека верува оти режимот во Техеран може да падне. Неговите коментари доаѓаат откако Иран утрово објави дека демонстрантот Ерфан Солтани е уапсен, но не е осуден на смрт, спротивно на тврдењата на неговото семејство и организација за човекови права, пишува Ројтерс.

Трамп рече дека верува оти протестите би можеле да доведат до пад на режимот, кој е на власт од револуцијата во 1979 година.

– Секој режим може да падне. Без разлика дали ќе падне или не, ќе биде интересно време – рече Трамп.

Тој, исто така, изрази сомнежи за можноста протераниот ирански престолонаследник Реза Пахлави, кој стана истакнат глас во охрабрувањето на демонстрантите, да ја преземе власта.

– Изгледа многу фин, но не знам како би се снашол во сопствената земја – рече Трамп.

Американскиот претседател, исто така, вчера тврдеше дека „убиствата во Иран престануваат“.

Поврзани содржини