ГРЕНЛАНД НИ ТРЕБА ЗА „ЗЛАТНАТА КУПОЛА“ ШТО ЈА ГРАДИМЕ Трамп смета дека НАТО треба да му помогне да го преземе островот

НАТО станува многу посилен и поефикасен ако Гренланд е во рацете на Соединетите Американски Држави. Сѐ помалку од тоа е неприфатливо, пишува Трамп.

1,821

САД имаат потреба од Гренланд поради националната безбедност. Тој е од клучно значење за „Златната купола“ што ја градиме. НАТО треба да ја предводи иницијативата за да го добиеме. Ако ние не го сториме тоа, ќе го сторат Русија или Кина – и тоа нема да се случи – напиша американскиот претседател Доналд Трамп во објава на својата социјална мрежа „Трут соушал“.

„Во воена смисла, без огромната моќ на Соединетите Држави – моќ која јас ја изградив за време на мојот прв мандат и која сега ја носам на ново, уште повисоко ниво – НАТО не би бил ефикасна сила или средство за одвраќање. Ни приближно! Тие го знаат тоа, а го знам и јас.






НАТО станува многу посилен и поефикасен ако Гренланд е во рацете на Соединетите Американски Држави. Сѐ помалку од тоа е неприфатливо“, пишува Трамп.

„Златната купола“ за која зборува Доналд Трамп не е официјален воен проект со такво име, туку политички и стратешки термин што тој го користи за да ја опише визијата за сеопфатен американски систем за противракетна и воздушна одбрана. Според оваа замисла, станува збор за глобален безбедносен штит кој би ја штител територијата на САД, но и сојузниците, преку мрежа од сателити за рано предупредување, радари и системи за пресретнување на балистички и хиперсонични ракети, особено во услови на засилени тензии со Русија и Кина.

Во тој контекст, Гренланд се појавува како клучна геостратегиска точка. Поради својата положба меѓу Северна Америка и Европа и близината до арктичките воздушни и ракетни коридори, островот се смета за идеален простор за поставување радарски и сателитски системи за рано откривање. Воените анализи одамна укажуваат дека евентуални интерконтинентални ракети најкратко би патувале токму преку Арктикот, што ја засилува важноста на Гренланд во американските безбедносни калкулации.

Иако Трамп ја претставува „Златната купола“ како клучен елемент за јакнење на НАТО и западната одбрана, терминот засега останува реторички, без формална поткрепа во официјалните документи на Пентагон. Аналитичарите забележуваат дека ваквата реторика потсетува на концептот на „Ѕвездените војни“ од времето на Роналд Реган, но во современ контекст служи и како политичка порака и средство за притисок врз сојузниците, особено Данска, која има суверенитет над Гренланд.

Поврзани содржини