ЕВАКУАЦИЈА НА ПЕРСОНАЛОТ ОД АМЕРИКАНСКАТА ВОЕНА БАЗА ВО КАТАР Иран се закани дека ќе ги ракетира базите во соседството, ако САД ги нападнат
Тоа е промена на положбата, а не нарачана евакуација од базата, изјави дипломат од Катар за Ројтерс.
На дел од персоналот му е советувано до среда навечер да ја напушти американската воздухопловната база Ал Удеид во Катар, изјавија тројца дипломати за Ројтерс, поради предупредувањата од Вашингтон дека може да интервенира во Иран, за да ги заштити демонстрантите против режимот на ајатолахот Хамнеи.
Амбасадата на САД во Доха немаше непосреден коментар, а Министерството за надворешни работи на Катар не одговори на барањето на Ројтерс за потврда или за коментар.
– Тоа е промена на положбата, а не нарачана евакуација – изјави еден од дипломатите за Ројтерс.
Дипломатот додаде дека не знае која е конкретната причина за промената на положбата.
Ал Удеид е најголемата американска база на Блискиот Исток, во која се сместени околу 10.000 војници.

Висок ирански функционер претходно изјави за Ројтерс дека Техеран ги предупредил регионалните земји дека ќе ги нападне американските воени бази на нивните територии во случај на напад од страна на Вашингтон, откако претседателот Доналд Трамп се закани дека ќе интервенира во Иран.
Минатата година, повеќе од една недела пред САД да почнат воздушни напади врз Иран, дел од персоналот и семејствата беа преместени од американските бази на Блискиот Исток. По нападите на САД во јуни, Иран изврши ракетен напад врз базата во Катар.