ОПШТИНИТЕ ПОТРОШИЛЕ ПОВЕЌЕ ОД 785.000 ЕВРА ЗА УКРАСУВАЊЕ ЗА НОВА ГОДИНА Лидер е општина Штип која потрошила 81.276 евра

Од вкупно склучените 32 договори за украсување на единиците на локалната самоуправа, дури 15 се со Линк Медиа Плус, во вкупна вредност од 615.052 евра што е 78 % од вредноста на сите вакви договори.

79

Општините за новогодишно украсување потрошиле вкупно 785.333 евра, покажуваат податоците на Центарот за граѓански комуникации кои се темeлат на објавени тендери за оваа цел на 36 општини.

31 од овие 36 општини доставиле податоци за склучените договори за украсување до Електронскиот систем за јавни набавки, заклучно со 12 јануари 2026 година. Преостанатите 6 општини сè уште не доставиле известувања за склучените договори, иако законскиот рок е само 10 дена по склучување на договорите.






Најмногу пари за новогодишно украсување потрошила Општина Штип склучувајќи договор со фирмата Линк Медиа Плус од Скопје во вредност од 81.276 евра.

Градот Скопје е на второ место со договор склучен со истата фирма во вредност од 69.457 евра.

Доколку кон трошоците за украсување на Градот Скопје се додадат и трошоците од другите скопски општини (Центар, Чаир, Бутел, Гази Баба, Ѓорче Петров и Карпош) произлегува дека во Скопје за украсувањето за дочек на новата година се потрошени 284.904 евра. Ова е повеќе од една третина од сите пари потрошени за украсување во земјата.

Покрај Град Скопје и сите други 6 општини од градот склучиле договор со фирмата Линк Медиа Плус од Скопје.

На дното, со трошоци за украсување пониски од 10.000 евра се општините Неготино (9.590 евра), Куманово – ЈП Куманово Паркинг (9.402 евра), Ресен (9.210 евра), Дојран (8.927 евра), Свети Николе (6.407 евра), Градско (5.756 евра), Демир Капија (5.756 евра), Богданци (4.855 евра), Сопиште (4.056 евра) и Новаци (2.878 евра).

Гледано според бројот на жители произлегува дека Штип потрошил по 111 денари  по жител за оваа намена, а Град Скопје 8 денари по жител.

На 81% од тендерите за украсување немало конкуренција, односно учествувала само по една фирма.

Од вкупно склучените 32 договори за украсување на единиците на локалната самоуправа, дури 15 се со Линк Медиа Плус, во вкупна вредност од 615.052 евра што е 78 % од вредноста на сите вакви договори.

Повеќе од еден договор успеале да добијат уште две фирми, ДИМЕНЗИЈА 360 од Скопје за трите општини од југот Валандово, Гевгелија и Дојран, како и фирмата ГРИН ВЕЈ од Битола, која освен со Општина Битола склучила договор за украсување и со Општина Ресен.

Останатите 12 фирми кои имаат склучено договор за новогодишно украсување се носители на по само еден договор.

Поврзани содржини