ЕКСПРАВОБРАНИТЕЛОТ ФЕХМИ СТАФА ДОБИ УШТЕ 30 ДЕНА ПРИТВОР Беше фатен со 50.000 евра земени за поткуп на судија
Поранешниот државен правобранител Фехми Стафа доби нови 30 дена притвор.
Тој беше уапсен на 13 декември минатата година, во рамки на постапка што против него ја поведе Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), поради основано сомнение дека сторил кривично дело примање награда за противзаконито влијание.
Како што информираа тогаш од Обвинителството, во периодот од октомври до 13 декември, осомничениот Стафа примил вкупно 50.000 евра за да посредува и да влијае кај судија во Апелациониот суд Скопје во врска со предмет што се водел против негов клиент, односно лице што го застапувал како адвокат.
Непосредно по примањето на парите, осомничениот Стафа бил лишен од слобода, при што кај него биле пронајдени и одземени парите.
Лицето за кое Стафа требало да издејствува укинување на мерката притвор е осомничениот во случајот „Синџир“, Љупчо Пецов, познат по прекарот Ѓаволот.