ТРАМП ПРЕКУ КРИВИЧНА ИСТРАГА ГО МЕНУВА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА ЦЕНТРАЛНАТА БАНКА НА САД Пауел доби поддршка од гувернерите на западните централни банки
Претседателот на ФЕД,, кој вчера ги информира медиумите за постапката, оцени дека истрагата е директна последица од неговиот долгорочен конфликт со администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп околу каматните стапки, наведувајќи дека тоа е резултат на „закани и континуиран притисок“ од извршната власт.
Федералните обвинители во САД започнаа кривична истрага против претседателот на Федералните резерви на САД (ФЕД) Џером Пауел за неговото сведочење во американскиот Конгрес во јуни, кое беше поврзано со реновирањето на седиштето на централната банка во Вашингтон вредно 2,5 милијарди долари.
Пауел, кој вчера ги информира медиумите за постапката, оцени дека истрагата е директна последица од неговиот долгорочен конфликт со администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп околу каматните стапки, наведувајќи дека тоа е резултат на „закани и континуиран притисок“ од извршната власт.
-Заканата од кривични пријави е последица на тоа што Федералните резерви ги одредуваат каматните стапки врз основа на нашата најдобра проценка за тоа што е во интерес на јавноста, а не на преференциите на претседателот- рече Пауел.
Пауел истакна дека она што е во прашање е способноста на централната банка да донесува одлуки врз основа на економски индикатори, а не на политичка принуда или заплашување.
Портпаролот на Министерството за правда на САД, Чед Гилмартин, одби да коментира за истрагата, велејќи дека приоритет е проверка на можната злоупотреба на средствата на даночните обврзници, додека Трамп рече дека нема сознанија за истрагата, но ги повтори критиките за работата на Пауел.
Трамп постојано го критикуваше Пауел за тоа што одби дополнително да ги намали каматните стапки и се закани дека ќе го отпушти, иако Пауел тврди дека претседателот нема овластување да направи таков потег.
Федералните резерви ги намалија каматните стапки три пати во втората половина од минатата година, но официјалните лица најавија пауза во понатамошното олабавување на монетарната политика.
Истрагата, според аналитичарите, дополнително го зголемува притисокот врз независноста на Федералните резерви, што е клучно за водење на монетарна политика без политичко влијание.
Солидарност од американскиот колега по објавувањето на можна истрага за реновирањето на зградата на Федералните резерви, изразија гувернерите на централните банки на западните земји нагласувајќи го принципот на независност на монетарната институција, што беше поддржано и од Бразил.
„Целосно сме солидарни со Федералниот резервен систем (централна банка на САД ) и со нивниот претседател, Џером Х. Пауел. Независноста на централните банки е основа на ценовната, финансиската и економската стабилност и е во интерес на граѓаните на кои им служиме и затоа нејзиното зачувување е клучно, со целосно почитување на принципите на владеење на правото и демократската одговорност “, се вели во соопштението за медиумите..
Меѓу Европејците, соопштението го потпишаа шефицата на Европската централна банка (ЕЦБ) Кристин Лагард, и гувернерите на централните банки на Данска и Шведска Кристијан Кетел Томсен и Ерик Тедин, нивната норвешка колешка Ида Волден Бахе и швајцарскиот гувернер Мартин Шлегел и шефот на Банката на Англија Ендру Бејли.
Гувернерката на австралиската централна банка, Мишел Булок, шефот на канадската централна банка, Тиф Маклем, и гувернерот на Јужна Кореја, Чанг Јонг Ри, исто така ја изразија својата солидарност со Пауел во соопштение за медиумите.
Поддршка за американскиот гувернер изрази и Бразил, преку гувернерот Габриел. Галиполо, и претседателот на одборот на директори на Банката за меѓународни порамнувања (BIS) Франсоа Вилерој де Галау и генералниот директор на BIS Пабло Ернандез де Кос.
„Претседателот (на ФЕД) Пауел служеше чесно, фокусиран на мандатот, непоколебливо почитувајќи го јавниот интерес, а за нас тој е почитуван колега и ужива максимално почитување од сите што соработуваа со него“, изјави групата лидери на монетарните институции.
Пауел ја презеде улогата на претседател на Одборот на гувернери на ФЕД на 5 февруари 2018 година, со четиригодишен мандат, а во мај 2022 година доби уште еден мандат што истекува на крајот на мај.