ИМ ВЕТИЛ СТРАНСКА ПЕНЗИЈА И ИМ ЗЕЛ 15.000 ЕВРА Двајца браќа од тетовско пријавиле измама
Осомничениот им земал пари како „депозит“, а тие потпишувале бланко документи верувајќи дека постапката е законска.
Двајца браќа од тетовско село пријавиле дека биле измамени за вкупно 15.000 евра, откако маж од Тетово им ветил дека ќе им „среди“ странска пензија.
Како што пријавил 70-годишниот оштетен, измамата се случувала во текот на 2024 година. Осомничениот, идентификуван со иницијалите Л.Н., им понудил помош за остварување право на пензија од странство, тврдејќи дека двајцата имаат работен стаж кој може да им донесе месечни примања.
Под изговор дека е потребен депозит за побрзо завршување на постапката, во повеќе наврати им биле земани пари. Притоа, браќата потпишувале бланко листови, празни полномошни и непополнети уплатници, верувајќи дека постапката е легална.
Откако поминало подолго време без никаков резултат и без да им биде одобрена пензија, тие сфатиле дека се измамени и случајот го пријавиле во полиција.
Од СВР Тетово информираат дека се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.