НАМЕСТО СРЕДБА СО МИЦОТАКИС, НОВИ ПРОТЕСТИ Земјоделците ја заоструваат борбата во Грција
Земјоделците од над 55 блокади ја одбија средбата со грчкиот премиер поради ограничување на бројот на нивни претставници и најавија нови акции.
Закажаната средба меѓу земјоделците од главните блокади низ Грција и грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, која требаше да се одржи денеска, е откажана, откако земјоделците од над 55 блокади доцна синоќа одлучија да не присуствуваат. Како причина ја наведоа одлуката на Владата да го ограничи бројот на нивни претставници, оценувајќи дека со тоа се поткопува можноста за суштински дијалог. Воедно, најавија и натамошно заострување на протестите, јави дописничката на МИА од Атина.
И покрај тоа, Мицотакис денеска сепак ќе одржи средба со земјоделци, но само со претставници на 18 блокади, односно со оние кои уште од минатиот месец се дистанцираа од останатите и побараа дијалог со Владата.
Откако Владата минатата седмица упати нова покана за средба, земјоделците од централните блокади ја прифатија и за време на викендот одржаа состаноци, на кои формираа два комитета: едниот со 25 претставници на земјоделците, а другиот со десет претставници на сточарите, рибарите и пчеларите, со цел одржување две одделни средби со премиерот.
Сепак, земјоделците тврдат дека, иако за ваков формат постоел договор со Министерството за земјоделство, од кабинетот на премиерот во последен момент било побарано делегацијата да се сведе на најмногу 20 лица и да се одржи само една средба. Ова барање било едногласно одбиено од блокадите, кои веќе 45 дена протестираат на автопатиштата низ Грција.
Според грчките медиуми, земјоделците оценуваат дека под овие услови не може да има вистински дијалог и ги осудуваат владините постапки, за кои велат дека имаат за цел поделба на земјоделскиот фронт.
Владини извори, пак, коментирајќи го одбивањето на средбата, наведуваат дека ваквиот став покажува оти дел од претставниците на блокадите немаат намера да бараат реални решенија за земјоделците.
– Секој што верува во праведноста на барањата и во можноста за решение, доаѓа на дијалог. За жал, уште еднаш обидот за разговор пропадна по вина на мала група претставници кои ја користат земјоделската борба за лични или вон институционални цели – порачале владини извори за грчките медиуми.
Грчкиот премиер во 15 часот по локално време ќе се сретне со претставници на земјоделците од Солун, Крит, Пелопонез и други региони, кои уште од почетокот зазедоа поинаков став и побараа дијалог со Владата.
Одлуката на земјоделците од централните блокади да ја бојкотираат средбата повторно ја заостри ситуацијата, која во изминатите денови се чинеше дека се смирува. Тие најавија интензивирање на протестите и не ја исклучуваат можноста со трактори да организираат протест и во Атина.
Земјоделците, сепак, порачуваат дека и понатаму бараат средба со премиерот, но само под услов на неа да учествуваат 25 претставници на земјоделците и десет претставници на сточарите, пчеларите и рибарите.
Протестите на земјоделците во Грција започнаа на 30 ноември минатата година.