„ОНЕ МАКЕДОНИЈА“ СТАНУВА ТРЕТ МОБИЛЕН ОПЕРАТОР За една година треба да покрие еден град со 5Г сигнал
Компанијата ќе треба за 10 дена да ѝ уплати на државата повеќе од 8 милиони евра за соодветните радиофреквенции.
Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) денеска донесе одлука дека „Оне Македонија телекомуникации“ на унгарски „Фор-ај-џи“ (4iG) е најповолен понудувач на тендерот за избор на трет мобилен оператор во државава.
Од АЕК за МИА изјавија дека со денешната одлука почнува да тече рокот од 10 дена за уплата на еднократниот надомест за трите фреквенции, што се доделуваа со тендерот, во вкупен износ од 8.020.003 евра. Најнискиот почетен износ на пазарната вредност на радиофреквенциите како еднократен надомест за одобрението А1 е 4,2 милиони евра, за одобрението Б1 е 1,5 милион евра, а за одобрението C1 – 2,32 милиона евра.
По уплатата, ќе може да се издаде одобрението, а компанијата може да почне со работа теоретски веднаш, односно да побара пристап преку мрежите на постојните оператори до изградба на своја инфраструктура.
Првиот критериум што ќе треба да го исполни новиот оператор е до крајот на март 2027 година еден град да покрие со 5Г, до крајот на 2028 година главните коридори во согласност со договорот за основање транспортна заедница на основната и за сеопфатната патна мрежа во државата да бидат покриени со непрекинат 5Г-сигнал, а до крајот на 2030 година сите градови во државата. До крајот на 2032 година секој граѓанин да има можност за пристап до интернет преку 5Г со минимална брзина на пристап до интернет од најмалку 100 Mbps.
Носителот на одобрението мора да почне со користење на доделените радиофреквенции најдоцна во рок од една година од датумот на почнувањето на важноста на одобрението. Во областите во кои има слаба или воопшто нема покриеност, доколку носителот на одобрението планира да гради, ќе мора да ги консултира и другите оператори за заедничко инвестирање. Исто така, операторот ќе мора да обезбеди пристап до пасивна инфраструктура врз основа на разумно барање од други оператори.
– Според условите на тендерот, почетокот на сервисот е до крајот на 2026 година, така што по носењето на официјалната одлука од страна на АЕК, ќе почнеме со официјален процес на воспоставување нова мобилна мрежа во Македонија. Најдоца до крајот на 2026 година мора да почнеме операција во најмалку еден град во Македонија, може да биде и порано, но тоа е краен рок што го користиме како ориентација за нашите плански активности – изјави Бране Ѓуровиќ, извршен директор на „Оне Македонија“, на 22 август минатата година по отворањето на понудите на тендерот, а на кој беа единствен понудувач.
Рокот на важност на одобренијата за користење радиофреквенции А1 и С1 ќе биде 12 години, односно до 2037 година, а на одобрението В1 – 8 години до 2033 година поради усогласување со претходно издадените одобренија на другите два оператора.
Од АЕК велат дека влезот на третиот мобилен оператор во државата ќе ја зголеми конкуренцијата на пазарот, што беше константна забелешка во извештаите на Европската комисија за напредокот на Македонија.
Процесот за воведување трет мрежен оператор за мобилни мрежи и услуги почна минатата година откога Групацијата 4иГ, преку својата подружница „Оне Македонија телекомуникации“, на 17 декември 2024 година официјално достави писмо за намери до АЕК, каде што изрази интерес за обезбедување достапни радиофреквенции како дел од планот за влез на телекомуникацискиот пазар како нов оператор во државата. Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николовски во изјава за медиумите тогаш оцени дека официјализирањето на интересот за влез на пазарот од Групацијата 4иГ ќе значи крај на дуополот на двата мобилни оператора во земјата и намалување на цените за мобилни услуги.
На македонскиот пазар моментно работат „Македонски телеком“ АД Скопје и „А1 Македонија“ ДООЕЛ Скопје, како и виртуелните оператори „Лајкамобајл“ ДООЕЛ Скопје, „Мтел“ ДООЕЛ Скопје, „Роби“ ДООЕЛ Штип и „Греен телекомуникации“ ДОО Прилеп.