СЕ ПРЕДЛАГА ЕВРОПА ДА ФОРМИРА СВОЈА ВОЈСКА ОД 100.000 ВОЈНИЦИ Не ѝ требаат 27 национални „бонсаи армии“

Еврокомесарот за одбрана и за Вселена, Андриус Кубилиус, предлага Европа да формира своја војска и Европски совет за безбедност.

157

Европската Унија можеби ќе треба да создаде комбинирани воени сили од околу 100.000 војници, кои би да ги замениле американските трупи во Европа, смета еврокомесарот за одбрана и Вселената, Андриус Кубилиус.

– Дали САД би биле воено посилни ако имаа 50 армии на ниво на држави, наместо една федерална армија? Педесет државни одбранбени политики и одбранбени буџети на ниво на држави, наместо една федерална одбранбена политика и буџет? Ако нашиот одговор е „не“, нема да бидат посилни, тогаш што чекаме ние? – изјави Кубилиус на обраќање на Безбедносна конференција во Шведска.






Според него, во услови кога се соочува во руската агресија врз Украина и заканите на САД кон Гренланд, ЕУ мора да направи нова „голема експлозија“ („Биг Бенг“) за повторно обмислување на заедничката одбрана на Европа, која би се базирала на три столба – повеќе инвестиции во производствените одбранбени капацитети, подготвени и поорганизирани институции и постоење политичка волја за одвраќање и доколку е потребно и за борба.

– Треба да почнеме да ги инвестираме нашите пари на таков начин што ќе можеме да се бориме како Европа, а не како збир од 27 национални „бонсаи армии“ – рече Кубилиус, додавајќи дека на тој начин „како што пред 10 години предлагаа Жан-Клод Јункер, Емануел Макрон и Ангела Меркел“ Европа би можела да создаде постојани „европски сили“ од 100.000 војници.

За таа цел, според него, би требало да се формира Европски совет за безбедност.

– Европскиот совет за безбедност би можел да биде составен од клучни постојани членови, заедно со неколку ротирачки членови, вклучувајќи ја и земјата што претседава со Советот на ЕУ. Плус раководството на ЕУ: претседателите на Комисијата и Европскиот совет. Вкупно 10-12 членови, со задача да дискутираат за најважните прашања во одбраната. И не само да дискутираат, туку и брзо да подготвуваат важни одлуки – рече Кубилиус.

Според оваа идеја, постојани членки на тој Совет би биле Германија, Италија, Полска, Франција и Шпанија, а во него би требало да биде вклучена и Велика Британија.

Создавањето тело по моделот на „Европски совет за безбедност“ претходно го споменаа и францускиот претседател Макрон и поранешната германска канцеларка Меркел, а беше и дел од изборната програма на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен за Европските избори во 2024 година. Таквата идеја неодамна ја спомена и поранешниот претседател на Европскиот совет, Шарл Мишел.

 

Поврзани содржини