ЗЕЛЕНСКИ СО ТЕШКИ ОБВИНУВАЊА Русија сака да ги „згасне“ украинските градови

Украинскиот претседател тврди дека Москва намерно ја таргетира енергетската инфраструктура за да предизвика колапс во градовите и притисок врз цивилите.

650

Украинскиот претседател Володимир Зеленски во своето вечерно видеообраќање упати сериозни обвинувања дека Русија преку немилосрдни воздушни напади се обидува целосно да ги уништи украинските градови.

– Русите го искористуваат времето, студениот бран, и се обидуваат да погодат што е можно повеќе наши енергетски објекти – изјави Зеленски, посочувајќи дека по Днипро, Запорожје, Криви Риг и Одеса, на удар на последната серија напади се нашла и престолнината Киев.






Според него, главната тактика на Москва е да предизвика целосен прекин на снабдувањето со електрична енергија, вода и греење во погодените градови, со цел да се зголеми притисокот врз цивилното население.

Зеленски нагласи дека ваквите дејствија јасно покажуваат оти Русија воопшто не се грижи за дипломатијата и за мировните напори на Соединетите Американски Држави.

Тој посебно се осврна и на употребата на нуклеарно способната ракета со среден дострел „Орешник“ во нападот врз Лвовската област, во западниот дел на Украина, во близина на границата со Европската Унија и НАТО.

Зеленски оцени дека овој потег претставува еднаков безбедносен предизвик не само за Украина, туку и за Варшава, Букурешт, Будимпешта и за многу други европски метрополи, додавајќи дека станува збор за втора употреба на ова моќно оружје од почетокот на војната.

Поврзани содржини