🎥 ОВА Е ПЕСНАТА КОЈА БИЛА ИЗНЕНАДУВАЊЕ ЗА 80. РОДЕНДЕН НА ВИОЛЕТА ТОМОВСКА Семејството на пејачката ја сподели со јавноста новата верзија на „Молитва“ за Божиќ

За 80-тиот роденден на нашата музичка легенда Виолета Томовска, кој беше во март минатата година, нејзините ќерки и поширокото семејство, успеале за само 3 часа да снимат нова верзија на нејзиниот хит „Молитва“ и да ја изненадат за јубилејот. Оваа верзија во која учествуваат музичари и пејачи од семејството, беше споделена со јавноста токму за Божиќ.

7,200

– Честит Божиќ и среќна 2026! Оваа „Молитва“ е подарок за 80-тиот роденден на Виолета Томовска, а учесници се музичари и пејачи само од семејството; успеавме да се собереме – напиша на социјалните мрежи Невенка Росоманова, ќерка на нашата музичка легенда и ја објави новата верзија на овој вечен музички хит.

Понатаму во објавата таа ги наведува имињата на сите кои учествувале во овој „таен проект“.

Инаку, оригиналната композиција е дело на Миле Барбаровски, со текст на Георги Барбаровски, додека новиот аранжман е на Дамир Имери, кој ѝ е зет на Виолета Томовска, а продуцент е Дарко Димитров, кој ѝ е внук.
Во песната по долго време пее и легендата Славе Димитров, зет од братучетка на Томовска.
Во идејата и организацијата за песната, на Невенка Росоманова ѝ помогнал Горан Саздановски, внук на Виолета Томовска, брат на пејачката Маја Саздановска, која исто така испеа дел од новата верзија, која е снимена во студиото на Мите Димовски, „Тра ла ла“.

Овој семеен проект кој досега бил слушнат само во кругот на семејството, сега стана најубава божиќна честитка од семејството на Виолета Томовска до сите нејзини обожаватели и до целата јавност.

Поврзани содржини