ЛЕВИЦА ПРИФАЌА ДА СЕ УКИНЕ ПРЖИНСКАТА ВЛАДА За возврат бара да се воведе една изборна единица
Левица е за укинување на т.н. Пржинска влада и непотребните дополнителни заменици-министри со право на вето, зашто смета дека таа нема смисла и дека се претворила во алатка за меѓупартиско пазарење.
„Техничката влада функционира како фасада и привид на фер, демократски избори и плурализам, зад кој продолжуваат суштинската политичка нееднаквост, селективноста и цензурата. Затоа, укинувањето на техничката влада за нас е прифатливо само доколку оди рака под рака со вистински, а не декларативни демократски реформи. За почеток, воведување на една изборна единица, како единствен начин за секој глас да вреди подеднакво“, се наведува во соопштението од Левица.
Втор услов што го поставува оваа партија е „укинување на политичката цензура и обезбедување еднаков пристап до медиумско претставување за политичките субјекти“.
Партијата потсетува дека на последните избори, Левица беше единствената на која, поради „правна празнина“, ѝ беше оневозможено било какво политичко рекламирање.
„Прецизираме дека не сметаме дека институциите се созреани, ниту пак дека постојната пракса на ‘технички влади’ донесе фер, демократски и избори без институционални злоупотреби. Напротив, техничката влада се покажа како механизам за дополнителни злоупотреби и параван зад кој се задоволуваат апетитите на владејачките и коалициските структури на естаблишмент партиите“, се наведува во соопштението на Левица.
Оттаму порачуваат дека нема да учествуваат во шминкање на системот без да се испорачаат нужни реформи.
Левица потсетува дека „една изборна единица“ е и ветување на ВМРО-ДПМНЕ за овој мандат.