СОСЛУШАНИ СЕ СОПСТВЕНИЦИТЕ НА БАРОТ ВО КРАН-МОНТАНА Сè уште не е утврдено кој сноси кривична одговорност за трагедијата

Доколку постои ризик од бегство, може да преземеме потребни мерки, но засега не е утврдена кривична одговорност. Доколку се утврди, ќе биде отворена истрага „за предизвикување пожар од небрежност и убиство од небрежност“, вели обвинителката на кантонот Вале, Беатрис Пилу.

1,381

Двајцата француски сопственици на барот во Кран-Монтана, во кој избувна смртоносниот пожар на новогодишната ноќ, се испрашани од истражителите, изјави обвинителката на кантонот Вале, Беатрис Пилу.

– Сè укажува на тоа дека пожарот почнал од запалени прскалки на шишиња шампањ кои биле премногу блиску до таванот. Брзо се запалил, а потоа пламенот се проширил многу брзо низ целиот објект – рече Пилу.






Според обвинителката, истражителите се повеќе склони да веруваат дека причина за пожарот биле свеќи-прскалки од типот што се ставаат на роденденските торти и се продаваат во секоја продавница, но засега ништо не може да се каже со сигурност.

Сè уште не е утврдено кој сноси кривична одговорност за трагедијата во барот, додаде обвинителката и изјави дека не може да каже кога е извршена последната пожарна инспекција таму.

Таа на прес-конференција изјави дека лицата кои биле повикани да дадат информации не биле сослушани како мерка на претпазливост, пренесува Скај њуз.

– Доколку постои ризик од бегство, може да преземеме потребни мерки, но засега не е утврдена кривична одговорност. Доколку се утврди, ќе биде отворена истрага „за предизвикување пожар од небрежност и убиство од небрежност“ – рече таа.

Сопствениците на барот се брачен пар од Корзика, кои имаат неколку ресторани во тој дел од Швајцарија.

Истрагата се фокусира и на тоа дали звучната изолација на таванот на барот можеби играла улога во ширењето на пламенот. Во исто време, полицијата во Кран-Монтана соопшти дека досега немало пријави за какви било безбедносни нерегуларности во барот.

Претходно, медиумите објавија дека соптвениците се Џесика и Жак Морети, по потекло од Корзика.

Според неколку француски онлајн портали, брачната двојка го презела популарниот бар во скијачкиот центар во 2015 година. Покрај „Констеласион“, тие управуваат и со друг угостителски објект во Ленс.

Под нивно водство, некогаш запоставениот бар бил трансформиран во популарен ноќен клуб, едно од омилените места за излегување навечер во Кран-Монтана.

Семеен пријател потврдил за корзиканскиот дневен весник „Corse-Matin“ дека Морети се живи. Според информациите, во моментот на пожарот во барот била само Џесика Морети, 40-годишна жена, која наводно се здобила со изгореници на раката.

Досега ниту еден медиум не можеше директно да разговара со сопствениците. Еден вработен рече дека сите се во длабок шок.

– Изгубивме дел од нашите вработени, но многу е тешко да се зборува за тоа денес – рече вработениот.

Поврзани содржини