📷 МОДЕРНА ГАК, НОВИ МЕТОДИ И ПОВЕЌЕ РАЃАЊА Вложени 110 милиони денари во реконструкцијата на Гинекологија

Со реконструкција, нова опрема и едукација на кадар, Клиниката за гинекологија и акушерство бележи раст на минимално инвазивните интервенции и повторно над 4.000 породувања годишно.

2,920

Со реконструкција на три лаборатории, уредување на платото и влезниот дел, набавка на современа медицинска опрема и вложувања во едукација на медицински кадар, Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство доби значително подобрени услови за работа и третман на пациентите.

На промоцијата на обновените одделенија присуствуваа премиерот Христијан Мицкоски, министерот за здравство Азир Алиу и директорката на Клиниката, Ирена Алексиоска Папестиев.






Премиерот Мицкоски истакна дека во реконструкцијата и опремувањето на Клиниката се инвестирани околу 110 милиони денари, од кои 34–35 милиони денари за реновирање, а околу 75 милиони денари за нова опрема.

– Околу 110 милиони денари се вложени во овој објект и тука не застануваме. Како Влада продолжуваме со инвестиции во јавното здравство, затоа што граѓаните заслужуваат квалитетна здравствена заштита – изјави Мицкоски.

Тој испрати и силна порака за демографската состојба во државата, потенцирајќи дека од 2016 до 2024 година се родени околу 6.000 бебиња помалку.

– Тоа се 300 празни училници. Ако ова не е јасен показател за изумирање на една нација, тогаш не знам што е. Залудно градиме училишта, градинки, улици и автопати, ако нема кој да ги користи – нагласи премиерот, повикувајќи ги младите да се охрабрат да останат и да создаваат семејства во земјава.

Министерот за здравство Азир Алиу порача дека токму институциите каде што започнува животот се најважни за секое општество и изрази задоволство што Клиниката за гинекологија и акушерство денес функционира со современа инфраструктура.

– Гинеколошко-акушерската клиника е место каде што започнуваат нови животи, каде што се носат најтешки одлуки и каде што довербата во здравствениот систем мора да биде апсолутна. Затоа секоја инвестиција тука има посебна тежина и посебна одговорност. Од вкупната површина на клиниката, реновирани се 2 илјади квадратни метри, односно целото приземје кое го опфаќа влезниот хол, поликлиничкиот дел со амбуланти, HPV лабораторијата, биохемиската лабораторија, како и амбулантата за итни случаи. Ова значи подобра организација, побрза услуга и поквалитетна грижа , токму таму каде што е најпотребно – рече министерот Алиу.

Тој посочи дека е особено значајна и новата настрешница од 420 квадратни метри на платото на Клиниката, што овозможува побезбедно и подостоинствено прифаќање на пациентките кои се транспортираат од други здравствени установи, а воедно со оваа инвестиција се покажува грижа, безбедност и почит кон секоја жена што доаѓа на клиниката во чувствителен момент.

– Оваа инвестиција е реализирана целосно со средства на самата Клиника. Тоа зборува за одговорно управување, визија и посветеност на раководството и вработените. Како Министерство за здравство, наша задача е да создаваме услови во кои здравствените работници ќе можат да ја дадат најдобрата можна грижа, а пациентите ќе се чувствуваат сигурно, почитувано и згрижено – заклучи министерот.

Тој најави дека во 2026 година ќе биде воведен дигитализиран систем за следење и анализа на процесите во универзитетските клиники, посочувајќи дека менаџментот на ГАК покажал исклучително добри резултати.

Директорката Ирена Алексиоска Папестиев истакна дека реконструкцијата не е само градежен зафат, туку резултат на систематска и долгорочна работа.

– Ова е потврда дека Клиниката се движи во вистинска насока – кон подобри услови за дијагностика, третман и грижа за женското здравје – рече таа.

Во изминатата година, како што појасни директорката, целосно се реконструирани трите лаборатории – за биохемиска и имунодијагностика, молекуларна дијагностика и ХПВ-типизација, како и лабораторијата за цитогенетика. Обновени се платото, главниот хол и специјалистичко-консултативниот дел, каде што годишно се извршуваат околу 73.000 прегледи.

Покрај инфраструктурата, набавена е и современа медицинска опрема, а во едукација се вложило кај 21 доктор и 15 акушерки, кои вовеле четири нови дијагностички методи.

Отворен е и амбулантски кабинет за хистероскопија, со што пациентките кои претходно морале да бидат хоспитализирани, сега ќе се третираат амбулантски, што директно ја намалува листата на чекање.

– Минимално инвазивната хирургија бележи значителен раст – ако во 2023 година биле извршени само 10 лапароскопски хистеректомии, лани таа бројка порасна на 120 – посочи Алексиоска Папестиев.

Таа додаде дека со обновувањето на школата за психосоцијална подготовка и воведувањето на безболно породување, годинава повторно се надминати 4.000 раѓања на Клиниката.

– Пред малку се роди 4.026-то бебе, што покажува дека трендот на пад го успеавме да го намалиме. Искрено се надевам дека младите ќе се охрабрат да раѓаат и да останат во нашата држава – рече директорката.

За 2026 година најавена е изградба на нова операциона сала и лифтови, кои треба да бидат готови до февруари, како и целосна обнова на инвитро одделот, планирана за април.

Поврзани содржини