НАД 18.000 КАЗНИ НА ПАТИШТАТА ВО ДЕКЕМВРИ Алкохолот и брзината остануваат главни проблеми
Непочитувањето на брзината, возењето под дејство на алкохол и управувањето без дозвола се меѓу најчестите прекршоци регистрирани од полицијата во текот на декември.
Во текот на декември, полицијата изрече повеќе од 18 илјади казни за сообраќајни прекршоци на патиштата низ земјава, при што најчеста причина за санкционирање била непочитувањето на ограничувањата на брзината.
Според податоците од Министерството за внатрешни работи, во периодот од 1 до 28 декември биле издадени вкупно 18.318 платни налози, а дури 4.019 од нив се однесуваат на возачи кои возеле побрзо од дозволеното.
Поради безобѕирно управување со возило, согласно Кривичниот законик, полицијата лишила од слобода 123 лица. Од нив, 100 биле затекнати зад волан под дејство на алкохол, 13 возеле со преголема брзина во населено место, седум надвор од населено место, а три лица управувале возило во забранет правец.
Статистиката покажува и сериозен број други прекршоци. Во текот на месецот биле евидентирани 5.018 случаи на неправилно паркирање, додека 1.843 возачи биле санкционирани затоа што управувале возило без возачка дозвола. Дополнително, изречени се 679 казни за возење под дејство на алкохол.
Полицијата санкционирала и 18 мотоциклисти кои не носеле заштитен шлем, како и 415 пешаци кои не ги почитувале сообраќајните правила. Казнети се и 1.046 учесници во сообраќајот поради некористење сигурносен појас.
Од сообраќај биле исклучени 322 нерегистрирани возила, како и 172 возила поради техничка неисправност. Санкции добиле и 101 возач поради несоодветно затемнување на стаклата на возилата.
Од МВР најавуваат дека засилените сообраќајни контроли продолжуваат и во наредните денови, со апел до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат правилата и прописите, со цел зголемување на безбедноста на патиштата.